Иран ги забрани новинарските активности на дописникот на „Њујорк тајмс“

0

АНКАРА (АА) – Иран ги забрани новинарските активности на дописникот на „Њујорк тајмс“ (New York Times) од Техеран, пренесува Anadolu Agency (AA).

Според информацијата во „Њујорк тајмс“, иранската Влада, без да ја каже причината, ја откажа новинарската акредитација на Томас Ердбринк, забранувајќи му да извршува новинарски активности.

Холандскиот државјанин Ердбринк, кој работи како новинар во Иран од 2012 година, не е во можност да ги извршува своите новинарски задачи од февруари, поради откажувањето на акредитацијата од страна на иранската Влада.

Иранската државна телевизија, исто така, потврди дека акредитацијата на холандскиот дописник на „Њујорк тајмс“ не е продолжена од февруари.

Во 2015 година, администрацијата на Техеран го осуди со казна затвор дописникот на весникот „Вашингтон пост“ (Washington Post), Џејсон Ризајан, поради шпионажа. Во јануари 2016 година, кога Договорот за нуклеарната програма стапи во сила, новинарот Ризајан беше ослободен со договор за размена на затвореници меѓу Иран и САД.