Ахмети распиша внатрепартиски избори за нови претседатели на ограноците

0

На седницата на претседателството на ДУИ синоќа, претседателот Али Ахмети предложил да се организираат избори внатре во партијата за избор на нови претседатели на ограноците.

На вчерашната седница Претседателството назначило координатори на сите партиски ограноци кои треба да ги организираат внатрешните избори, потврдија за НОВА од партијата.

Ова следува непол месец откако лидерот на СДСМ Зоран Заев ги разреши претседателите на сите 78 општински ограноци на СДСМ. Ова Заев го најави како дел од смените по одржувањето на претседателските избори, кои освен партиските редови треба да ги зафатат и владините.

Но од ДУИ не сакаат да коментираат дали изборите во партијата се директно поврзани со најавените смени во власта и кај коалицискиот партнер.

Владината реконструкција е одложена до одлуката на Европскиот совет дали земјава ќе добие датум за почеток на преговорите.