„Европските политичари мора да си го одржат зборот за Северна Македонија“

0

Висока владина делегација од Република Чешка предводена од премиерот Андреј Бабиш престојува во официјална посета на Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

Чешкиот премиер беше пречекан со високи државни почести пред Владата на Северна Македонија од страна на владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев.

Потоа, владините делегации на двете земји одржаа заедничка средба, по која следуваше заедничка прес-конференција на двајцата премиери.

Премиерот Заев рече дека земјата ги исполнила сите барани критериуми за започнување на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ), нагласувајќи дека тоа не е само награда за Северна Македонија, туку и принципиелно однесување од страна на ЕУ.

„Од оваа наша средба денеска, ја испраќам пораката дека ние испорачавме сѐ што се бараше од нас. Сега е на ред Европската Унија да испорача. Пријателе Андреј и почитувани претставници на чешката Влада, се надевам дека освен поддршката во европските интеграции, набргу, преку одлуките на чешкиот Парламент ќе биде ратификуван и Договорот за пристапување на нашата земја во НАТО“, додаде Заев.

Заев исто така упати благодарност до неговиот чешки колега за постојаната помош во сите аспекти, вклучувајќи ги полициските сили на Чешка кои се наоѓаат на јужната граница на Северна Македонија.

Премиерот на Чешка, Андреј Бабиш, односите меѓу двете земји ги опиша како одлични, и рече дека Северна Македонија ги исполнила обврските, и дека неговата земја ќе го даде максимумот за Северна Македонија да добие датум за започнување на преговорите за членство во ЕУ.

„Европските политичари кои ве поканија и ветија дека откако ќе ги исполните барањата, ќе се отворат преговорите, треба и мора да си го одржат зборот. Бидејќи доколку не се случи тоа, тогаш тоа ќе има обесхрабрувачко влијание врз вашите граѓани и врз целиот регион“, нагласи Бабиш.

Во текот на денот чешкиот премиер ќе се сретне со претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и со министерот за економија, Крешник Бектеши.

Премиерот на Чешка, придружуван од вицепремиерот и министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, ќе го посетат граничниот премин Богородица меѓу Северна Македонија и Грција, каде што од 2016 година се наоѓаат полициски сили на Чешка за помагање на властите на Северна Македонија во соочување со кризата со емигранти.

Дел од агендата на чешката делегација е и да се разгледаат можностите за инвестиција на чешките компании во Северна Македонија.