Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека не се согласуваат со блиската соработка на Франција со терористичката организација ЈПГ, и дека на Франција не ѝ доликува да соработува со ЈПГ, јавува Anadolu Agency (AA).

Чавушоглу оствари билатерална и меѓуделегациска средба со шефот на француската дипломатија, Жан-Ив Ле Дриан, по која двајцата министри одржаа заедничка прес-конференција.

Шефот на турската дипломатија нагласи дека ги поздравуваат мерките кои Франција ги презела во врска со припадниците на терористичката организација ПКК.

Истакнувајќи дека нивните мислења со Франција во врска со Сирија се совпаѓаат, освен едно прашање, Чавушоглу рече дека со Франција дејствуваат заедно во однос на сите прашања, вклучувајќи ги и состојбата на терен, прашањата во врска со политичкиот процес, агресијата на режимот, како и за територијалниот интегритет на Сирија.

Чавушоглу се осврна и на соработката на Франција со ПКК, и додаде:

„Но, не се согласуваме со блиската соработка на Франција со ЈПГ која нема ниту една разлика со ПКК, и гледаме дека тоа се рефлектира врз повеќе прашања, меѓу кои и врз нашата соработка во НАТО. ПКК е еднаква на ЈПГ. Затоа, на Франција не ѝ доликува да соработува со ЈПГ, а од друга страна да презема мерки против ПКК. Тоа е опасно за иднината на Сирија и за нејзиниот граничен и територијален интегритет. Исто така, тоа е чувствително прашање и за нашата гранична безбедност, како и за безбедноста на нашата земја и на нашиот народ.“

– Тврдење за примирје во Идлиб

Чавушоглу рече дека ги исполниле сите обврски во насока на целосно спроведување на Идлибскиот меморандум, и дека режимот верува во воено, а не во политичко решение.

Турскиот министер нагласи дека во последно време се зголемени нападите на режимот врз Идлиб, и дека особено се таргетирани цивилите, училиштата и болниците.

Тој рече дека вложуваат интензивни напори со Русија во насока на завршување на судирите.

„Во моментов не е можно да се каже дека е постигнат целосен прекин на огнот, но сакам да истакнам дека со Русија вложуваме сериозни и искрени напори во оваа насока“, додаде Чавушоглу.

– Напад врз набљудувачката точка на ТСК

Чавушоглу нагласи дека изутрина бил извршен напад врз 10-тата набљудувачка точна на Турција, каде што тројца турски војници се здобиле со лесни повреди.

„Сметаме дека [нападите] се намерно извршени. И со Русија сме во контакт во врска со тоа. Доколку режимот продолжи со овие напади, ќе сториме сѐ што е неопходно. Никој да не се двоуми во тоа“, рече тој.

Чавушоглу нагласи дека Русија и Иран како земји гаранти треба да вршат потребен притисок врз режимот за запирање на овие напади.

– „Кипарските медиуми грешат“

Францускиот министер Ле Дриан, во врска со тврдењата во кипарските медиуми дека Франција планира да постави база на Јужен Кипар, и нејзиното воено присуство да стане постојано, рече:

„Франција не предвидува позиционирање на француска база или воени трупи на Кипар. Можам да истакнам дека кипарските медиуми грешат во оваа насока.“

– „Ја поддржуваме Турција за прашањето за Идлиб“

Ле Дриан истакна дека се загрижени во врска со прашањето за состојбата во Идлиб.

„Ја поддржуваме Турција за прашањето за Идлиб. Треба да обезбедиме почитување на прекинот на огнот, бидејќи таму постои ситуација која може да има опасен и експлозивен ефект“, нагласи тој.

„Секој чекор којшто може да му наштети на прекинот на огнот, подоцна може да има драматични последици врз сите нас“, додаде шефот на француската дипломатија.