„Силно е уверувањето дека оваа година започнуваме преговори за членство со ЕУ”

0

Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во Берлин беа примени од германската канцеларка Ангела Меркел, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Канцеларката Меркел информираше дека Бундестагот ќе донесе одлука во септември за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, согласно утврдените процедури на Сојузна Република Германија за прашањата за проширување на Унијата. На средбата канцеларката потенцираше дека Северна Македонија го испорача очекуваното и дека таа и Берлин на тоа гледаат многу позитивно“, се вели во соопштението од прес-службата на Владата на Северна Македонија.

Во соопштението се додава дека премиерот Заев на средбата рече дека Република Северна Македонија има целосна доверба во канцеларката Меркел и ја поддржува нејзината политика за процесот на проширување на ЕУ, како и нејзината политика кон Западен Балкан.

„Беше истакнато дека СР Германија е наш стратешки партнер со кој заедно работиме на политиките за помирување на Западен Балкан, на стабилизацијата на регионот и на обезбедување економски напредок и демократска трансформација, процес којшто ќе заврши со нашето интегрирање во ЕУ. Претседателот на Владата на РСМ, Заев, на средбата нагласи дека радува фактот што Министерството за надворешни работи на СР Германија има позитивен став за нашата земја во однос на започнувањето на преговори за членство во ЕУ, и дека треба да се испочитуваат процедуралните постапки и демократските процеси кои ќе овозможат Бундестагот да донесе позитивна одлука во септември“, стои во соопштението.

Меѓу другото, се додава и дека на средбата на делегацијата на Владата на Северна Македонија во Берлин, се потврди дека во СР Германија, како и во другите земји членки, неоспорно се признаени резултатите од реформите кои се потенцирани во извештајот на Европската комисија и дека позитивно се гледа на препораката на ЕК за започнување на преговори за членство во ЕУ.

„Силно е уверувањето дека оваа година започнуваме преговори за членство со ЕУ и им се придружуваме на Србија и Црна Гора“, пишува во соопштението од Владата на Северна Македонија.