Чавушоглу за С-400: „На ниту еден начин нема да направиме чекор наназад“

0

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, е гостин на уредничкиот деск на Anadolu Agency (AA), давајќи оценка за дневнополитичките настани.

Во врска со набавката на ракетниот систем „С-400“ од Русија, министерот Чавушоглу е запрашан: „Турција повторува дека нема да се откаже од купувањето на ракетниот систем „С-400“. Дали е одреден точниот датум на испорака? И покрај гаранциите дадени од страна на Турција, дали постојат други причини поради кои САД досега не се убедени? Како ги оценувате чекорите што ги презема администрацијата од Вашингтон за раскинување на договорот околу партнерството во програмата на Ф-35?“

На овие прашања, министерот Чавушоглу одговори дека Турција има потреба од ракетниот систем „С-400“.

Чавушоглу рече дека по кризата во Сирија, Турција од своите сојузници побарала помош, потсетувајќи дека некои сојузници ги испратиле своите батерии „Патриот“ во земјата, а Италија ги испратила своите батерии „Самп-Т“.

Турскиот министер за надвошрени работи посочи на фактот дека Турција ги продолжила своите напори за набавка на сопствен систем за воздушна одбрана, но не успеала да го добие од своите сојузници. „Не успеавме да набавиме ниту „Патриот“. Бевме принудени да бараме други решенија и најдобрата понуда и најдобрата технологија ја зедовме од Русија“, истакна Чавушоглу.

Турскиот министер, информирајќи дека Турција решила да го купи ракетниот систем „С-400“, го потпишала договорот, платила дел од средствата, а другиот дел го договорила со кредит, додаде: „Работата е завршена, сега во тек е периодот на испорака. Тие ќе дојдат во Турција“.

Чавушоглу рече дека САД ја виделе одлучноста на Турција и истакна дека САД се обидуваат Турција да ја стават на листата на санкции во рамките на „Законот за борба против непријателите на САД со санкции“ (CAATSA). „Само Ф-35 не се во рамките на санкциите на CAATSA. Кога ќе погледнете кон CAATSA, и усвоениот закон, таму не се Ф-35“.

Потсетувајќи дека вршителот на должноста шеф на Пентагон, Патрик Шанахан, до турскиот министер за национална одбрана упатил писмо во кое го информира дека е запрена обуката на турските пилоти за авионите „Ф-35“, Чавушоглу рече: „Ние им го велиме следното ‘Овие напори се залудни. Ние ги купивме С-400’“.

Околу тврдењата дека системите „С-400“ се закана за авионите „Ф-35“, и дека е можно „С-400“ да влезе во системот на „Ф-35“, Чавушоглу рече: „Доколку тие тврдења се точни, тогаш во Сирија има „С-400“ системи и сите се под руска контрола. Тие што ќе бидат поставени во Турција сите целосно ќе бидат под наша контрола и ние уште од самиот почеток како предуслов рековме дека од наша страна тие нема да претставуваат никаква закана за НАТО“.

Потсети дека системите „С-400“ се позиционирани на границата со Норвешка, но норвешките авиони „Ф-35“ сепак летаат.

„Израелските и американските „Ф-35“ авиони летаа многу блиску до системите „С-400“. Доколку овие тврдења се точни, тогаш тие одамна се влезени во „С-400“. Зошто нашиот сојузник прави толку проблеми, набавувајќи ракетен систем за одбрана како да сме произвеле нуклеарно оружје. За заштита на земјата имаме потреба од овој систем, го зедовме за сопствена заштита“, рече Чавушоглу.

Тој истакна дека на ниту еден начин нема да биде направен чекор наназад по прашањето за ракетниот систем „С-400“.

„Продолжуваме со нашата одлучност да бидеме народ кој е независен и слободен“, подвлече Чавушоглу.

Потсетувајќи дека Турција до САД испратила писмо за намера за купување на ракетниот систем „Патриот“, Чавушоглу рече: „По едно прашање САД не можат да ни дадат гаранции. И да се договориме за цената и испораката, дали можете да ни дадете гаранција дека тоа ќе помине на седницата на Конгресот? Не, не можете да гарантирате. Доколку не можете да гарантирате, ако утре не можеме да купиме „Патриот“, тогаш утре повторно ќе купиме други системи“.

Шефот на турската дипломатија информираше дека Франција предложола поставување на батерија „Самп -Т“ во Турција, при што ѝ се заблагодари на Франција и истакна дека со EUROSAM е потпишан меморандум за разбирање за купување на ракетниот систем „Самп-Т“.

Зборувајќи дека Турција има итна потреба од систем за одбрана, Чавушоглу рече дека таа потреба е задоволена од страна на Русија, додавајќи дека е невозможно тоа да се откаже.

Истакнувајќи дека Турција нема непријателство со никого и посочувајќи на заканите што постојат во регионот, Чавушоглу рече: „Или ќе бидеме земја која зависи од други или ќе бидеме земја која во потполност ќе биде независна и слободна, макар имало и потешкотии, кои гради во гради заедно со нашиот народ, самостојно ќе ги надминеме, продолжувајќи по нашиот пат. Од овој пат нас никој не може да нè врати назад“

– „Имаме чекори што би ги презеле во случај на можни санкции од страна на САД“

Во случај на санкции во рамките на CAATSA, министерот Чавушоглу беше запрашан каков став ќе заземе Турција. Турскиот министер одговори дека одбиле некој да кажува дали можат или не можат самостојно да купуваат ракетен систем од друга земја.

Тој истакна дека е потребно САД да се откажат од таквиот пристап, додавајќи дека и ЕУ е вознемирена од таквиот став.

Министерот Чавушоглу, во врска со можните санкции од страна на САД, изјави: „Ако САД преземат негативни чекори кон нас, и ние имаме (контра) чекори што би ги презеле“.

Информирајќи дека НАТО може да заштити само 30 % од воздушниот простор на Турција, Чавушоглу истакна: „Се разбира дека ова е национално прашање“.

– „Неприфатлив е изговорот – не можеме да му наредиме на режимот“

Чавушоглу истакна дека уставниот процес во Сирија, размената на затворениците меѓу силите на режимот и опозицијата и другите преземени чекори за зголемување на безбедноста се должат на процесот од Астана.

Турскиот министер за надворешни работи, Чавушоглу, истакна дека е неприфатлив изговорот на Русија дека не може да му нареди на режимот во Сирија.

Чавушоглу истакна дека режимот на Асад е тој кој ги испратил вооружените радикални групи кон Идлиб од Алепо, Источна Гута, Хомс, Хама, и под изговор на постоење на овие радикални групи, изведува напади во подрачјето на Идлиб.

„Постои таква злоупотреба. Со Русија вложуваме напори за прекин на огнот. Потребно е Русија да го исполни својот дел од одговорноста“, рече Чавушоглу.

„Во вчерашните вознемирувања и напади полесно се повредени тројца наши војници, но што и да се случи, дури и да нема повредени, дури и 10-те контролни точки да не се цел на напади, сметаме дека сите овие напади се прават намерно. На Русија и на другите земји им испративме порака.“

– „Саудиска Арабија не го држи независно од билатералните односи случајот со Кашоги“

„Случајот со Кашоги ние го држиме настрана од билатералните односи, но тие не го држат случајот многу независно од односите“, изјави Чавушоглу и подвлече:

„Тоа што нашиот претседател за Бајрам го побара кралот Селман е показател дека од наш аспект не постои никаков проблем во билатералните односи“.

– „Потребна е сериозна истрага по прашањето за тензиите во Оманскиот Залив“

Турскиот шеф на дипломатијата, Чавушоглу, во врска со тензиите во Оманскиот Залив изјави: „Потребно е да се спроведе сериозна истрага, бидејќи во спротивно, ваквите тензии би можеле да отидат во друга насока“.

Во врска со санкциите што САД ги спроведуваат кон Иран, Чавушоглу рече дека продолжуваат средбите меѓу Европската Унија и Иран, со цел воведување на еден механизам налик на INSTEX (Инструмент за поддршка на трговската размена).

– „Се испаничија кога ги испративме нашите бродови за сондажа“

Министерот за надворешни работи, Чавушоглу, во врска со тензиите во Медитеранот изјави: „Со цел да ги заштитиме правата на Турција и Турската Република Северен Кипар (ТРСК), во Медитеранот ги испративме нашите бродови за сондажа, а откако тие ги видоа нашите бродови, се испаничија.“

– „Не видовме никаква корист од чекорите на САД за Ерусалим“

Објаснувајќи дека не е забележана никаква корист од едностраните чекори на САД по прашањето за Ерусалим (Кудс), турскиот министер за надворешни работи, Чавушоглу, истакна дека САД држат страна и додаде: „Не можеме да прифатиме решение кое ќе го промени Ерусалим (Кудс) и Палестина за пари. САД и Израел треба да разберат дека сè не може да се промени за пари, и дека парите нема да завршат работа во врска со прашањата за Палестинa и Eрусалим“.

– „Нормализација на турско-израелските односи не е на дневен ред“

На прашањето за турско-израелските односи, министерот Чавушоглу одговори: „Во моментов таа тема не е на дневен ред“.