Ердоган со честитки по повод изборот на претседателот на РСМ, Стево Пендаровски

0

По повод изборот на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, писма со честитки испратија голем број светски државници и меѓународни организации, меѓу кои и претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, пренесува Anadolu Agency (AA).

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот Пендаровски, во писмото упатено од претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, стои:

„Наша најискрена желба е односите со Северна Македонија, која ја гледаме како клучна за иднината и стабилноста на Балканот, цврсто да ги придвижиме кон иднината. Во овие рамки ќе продолжиме да Ви бидеме најблизок поддржувач во процесот на интеграција во евроатлантските институции.“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во писмото со честитки до претседателот Пендаровски, пишува дека „денес, нашите две нации се поблиски од кога било претходно“.

„САД силно ја поддржуваат Северна Македонија, која го зазема своето заслужено место во западните институции и особено се надеваат дека ќе ја поздрават Северна Македонија наскоро, како наш 30-ти сојузник во НАТО. Историскиот Договор од Преспа претставува смел и храбар пример со кој се зајакна безбедноста и просперитетот за народот на Северна Македонија и целиот регион. Заложбите на Вашата земја за демократски начела, владеење на правото, отчетност на Владата и борба против корупцијата, се за поздравување. Се надевам на продлабочување на пријателството и соработката во иднина“, пишува во честитката од претседателот Трамп до претседателот Пендаровски.

Во писмото упатено од претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг, се посочуваат пријателските односи меѓу двете земји.

Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, му посака успех на претседателот Пендаровски во вршењето на одговорната функција, добро здравје и благосостојба. „Односите меѓу Руската Федерација и Република Северна Македонија се темелат на добрите традиции на културна и духовна блискост. Убеден сум дека конструктивното унапредување на нашите односи би им одговарало на народите на нашите две земји и на цела Европа“, пишува претседателот Путин.

Писмо со искрени честитки по повод стапувањето на должност на претседателот Пендаровски упати кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Елизабета II.

Во писмото упатено од претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, се потенцира дека Германија се залага за Северна Македонија да продолжи со суштинските реформи и решително и понатаму да чекори по својот пат кон ЕУ.

Писмо со честитка упати претседателот на Француската Република, Емануел Макрон. „Вашите заложби за градење на правната држава, за членството на Вашата земја во НАТО и за нејзината европска перспектива, но и Договорот од Преспа, го убедија мнозинството гласачи. Договорот од Преспа е пример за регионално помирување, кое придонесува за стабилноста на Западен Балкан и на Европа во целина“.

Францускиот претседател во писмото порачува дека Северна Македонија може да смета на конкретна поддршка од Франција за спроведување на своите реформи.

Во писмото испратено од претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, се изразува увереност дека Република Северна Македонија ќе постигне дополнителен и конкретен напредок, со цел побрза интеграција во ЕУ.

Во писмото упатено од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се изразува благодарност за заложбите на претседателот Пендаровски за евроатлантските интеграции на Северна Македонија.

„Вашата работа како национален координатор за подготвување на Северна Македонија за членство во НАТО беше инструментална за успешно завршување на процесот на пристапните преговори и потпишување на Протоколот за пристапување оваа година“, пишува Столтенберг. Генералниот секретар очекува да продолжи соработката со цел остварување на реформскиот процес во Северна Македонија, посочувајќи дека безбедноста, одбраната и владеењето на правото се клучните сектори за реформирање. „Присоединувањето на Северна Македонија во Алијансата ќе придонесе за стабилноста и безбедноста на регионот на Западен Балкан“, стои во честитката.

Во име на Европската Унија, писмо со честитки за изборот на претседателот Пендаровски упатија претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

„Европската Унија смета дека Договорот од Преспа е извонредно политичко достигнување и круцијален чекор на вашиот пат кон ЕУ. Договорот претставува пример за помирување и за останатите во регионот и пошироко“, стои во писмото од Туск и Јункер, изразувајќи целосна поддршка на напорите на Северна Македонија во интеграциските процеси и спроведување на реформите.

Честитки до претседателот на Северна Македонија, Пендаровски, упатија и претседателите на Естонија, Литванија, Полска, Унгарија, Австрија, Романија, Чешка и Словачка.

Честитки по повод изборот на претседателот Пендаровски упатија и соседните држави на Република Северна Македонија, како и претседателите од регионот. Честитки пристигнаа од претседателот на Република Грција, Прокопис Павлопулос, претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, од претседателот на Република Албанија, Илир Мета, од претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, како и од претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, од претседавачот со Претседателството на БиХ, Милорад Додик, од претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, и од претседателот на Република Словенија, Борут Пахор.

Писма со честитки до претседателот Пендаровски упатија и други лидери од земјите низ светот.