Средба на лидерите на Иран и Кина во Бишкек

0

Иранскиот претседател, Хасан Рохани, и претседателот на Кина, Кси Џинпинг, упатија критики и искажаа решителен заеднички став наспроти американската еднострана политика на глобален план, јавува Anadolu Agency (AA).

Од Кабинетот на претседателот на Иран е соопштено дека Рохани во Бишкек, главниот град на Киргистан, се состанал со кинескиот претседател Кси, на маргините од Самитот на лидерите од земјите од Шангајската организација за соработка (SCO).

Рохани во текот на средбата истакна дека Иран ги смета за стратешки односите со Кина.

„Американската администрација, за да воспостави доминација на азискиот континет и светот, продолжува со вршење притисок на Иран, Кина и други земји. Поради тоа за Азија и за светот е многу значаен одлучниот став на Иран и Кина наспроти едностраните политики на САД“, порача Рохани.

Иранскиот претседател нагласи, исто така, дека Техеран сака да ја продолжи соработката со Пекинг во областа на енергетиката, но и заедно да работат на инфраструктурни проекти. Рохани изрази задоволство поради кинеските инвестиции во јужните региони и во пристаништата на Иран.

Кинескиот претседател, Кси Џинпинг, исто така, констатирал дека стратешките односи меѓу неговата земја и Иран се од голема важност.

„Едностраното повлекување на САД од нуклеарниот договор е темелен фактор на напнатост во регионот“, порача Кси.

Тој додаде дека Кина ќе ја продолжи соработката со Иран на регионален и меѓународен план, особено кога станува збор за борбата против тероризмот и организираниот криминал.