Тогаш кога Пендаровски кажа дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин

0

Треба прилично долго време да се одвои за неколкупати да се сфати дека навистина е напишано тоа што го читате, а подоцна и тоа што сте го чуле- новиот претседател Стево Пендаровски изјави дека Гоце Делчев се декларирал како Бугарин, но во исто време се борел за создавање на независна македонска држава.

Пишува:Биљана Секуловска

Во поновата македонска историја, после Киро Глигоров, добивме неколку храбри и одважни политичари, кои за само 24 месеци ја сменија целосно и самата историја на оваа земја, натежната од традиционалните балкански омрази, војувања за секој кажан или неизречен мал или одлучувачки збор, а некои од тие зборови и печеле, за секој вперен поглед со страв, презир, омаловажување и по некоја симпатија, дури и најмалата, која никако и никогаш не смеело да се покаже на овие простори.

Заев, Шеќеринска, Димитров и Пендаровски целосно ги поместија границите на една нова политичка култура и реалност- на земјите на кои им припаѓаме- на кои низ вековите бевме заробеници, заложници на сопствената немоќ, незнаење и неспособност да се надминат средновековните фантазии за гилотина, осакатување и измачување на оние кои не им припаѓаат на нашето племе.

Тоа беа вековните зациментирани позиции на лидерите, на кои освојувањето на териториите, прекројувањето на границите и покорување и асимилирање на масата која таму се населила им беше единствениот raison d’être.

Во таа приказна на идентитетски определби, никогаш и не сме учеле и знаеле поинаква историска реалност од оваа- дека некои од револуционерите, како и научните дејци, се чувствувале како Македонци, некои како Бугари, некои пак се колебале, некои и го менувале идентитетското чувство, зависно од околностите, во одредени периоди од животот и творештвото.

Неколкупати сум го посочувала делото на Амин Малуф “Убиствени идентитети” како исклучително значајно четиво за македонскиот дел од публиката, која можеби е жртва на сопствениот апсурден и изнемоштен, бескраен пат во пронаоѓањето на тој идентитет.

Тоа лутање низ тие идентитетски лавиринти, гнев и нескриена омраза особено кон соседите, веројатно може да се толкува како историска траума за која мора да се има разбирање – тоа е тежок процес на осознавање во околности и опкружување во кои се родени, за одеднаш да ви се случи втурнување во една нова политичка и историска ера, која ја креираа новите македонски лидери, заедно со интелектуалната, прогресивна елита, која ја создаде Шарената револуција.

Сите заедно ја создадовме таа иднина за која говори Малуф-” иднината на една земја не може да биде просто продолжување на историјата- би било тажно еден народ да ја обожува повеќе својата историја од иднината.”Оттука, “тој идентитет не е пачворк, тоа е цртеж на затегнатата кожа-ако ја допреме само едната припадност, целиот човек затреперува”.

Затоа што, новите македонски политички генерации буквално на својот грб ја носат и предано ја пренесуваат таа идеја-  дека идентитетот не е само и исклучиво етничката припадност, која е пред се прашање на избор, но тој избор не е случаен, веќе споменав. Тој е комплексен, втемелен и ткаен на историските трауми и колективната меморија од која не можеме да се оттргнеме низ вековите, а која подразбира врежана свест за окупациите, асимилациите, поробувањата кои доволно долго не мачеа за да ја ставиме денес таа точка на која не можеме секојдневно да и се навраќаме и само за неа да зборуваме. Да се одважиме да станеме дел од тие промени, да му соопштиме на светот дека граници не ни се потребни, да ги отфрлиме нашите довчерашни омеѓени глави со бодликави жици.

Само така можеме да ги покажеме и другите идентитети кои ги имаме, кои не обликувале- не сме само Македонци, или она што можеби би сакале некои од нас- да бидеме Французи добога, и тоа и ни е дозволено, затоа што чувството и изборот не е документиран, надгледуван во некоја полициска мевлива станица, тој е многу можно да биде и менлив и минлив.

Идентитети имаме многу, разгледајте не сите нас- некои од нас пишуваат доцна во ноќта; други за тоа време ја водат битката за непартиски кадри на МКЦ, иако забораваат дека Партијата e се во оваа земја, дури и сегашниот в.д директор е партиско решение; трети ја запишуваат последната страница од книгата, можеби тоа се во исто време огорчени или самозадоволни жени, бирајте ја таа епизода како ви е драго; некои од нас избрале да ги носат комбајните, робусни или нежни мажи; некои се намрштени сметководители со сини траги на џебот од мастилото; имате и расположени сладокусци кои ги подзатвораат очите низ маглата ако се спомене последната цигара таа ноќ- сето тоа се нашите идентитети кои не обликуваат, ако ги заборавите македонските, албанските, ромските и турските, итн., итн., ги има неброено многу, им нема крај, којзнае дали воопшто го знае и некој почетокот.

Затоа, идејата на Гоце Делчев за светот може еднакво да се запише и во таа идентитетска богата бркотница- но вас ве обележала и Симон Де Бовоар, ве научила на првите чекори на жена, да не газите кревко, покорно, страдалнички, да се борите, наместо да се измачувате до крајот на животот само со гневот што не сте признаени и да ги погледнете и сите други можни начини на кои сакате да се претставите. Затоа што  тој идентитет е исклучив- мислам на  оној кој само ви ги обележува територијата и јазикот на кој се говори во вашето опкружување, тоа е таа борба за која Гоце Делчев говорел, но вас ве обликувале и други,  не само тој, во вас е содржан целиот овој свет, зарем не?

Извор:НоваТВ