Низ спомените на Подгоречкиот времеплов

0

И, додека онака “разлистував“ низ интернет страните, да видам што се случувало во текот на денот, и што може да нё очекува, проверка на имејлот, дали сме добиле некаква информација за објавување, известување и слично, и се разбира во овој свет на дигитализација и интернет, ми преостана уште да проверам и на социјалната мрежа фејсбук, каде речиси повеќето од сите нас своето слободно време токму му го посветуваме него, а не на она што може да нё исполни и тргне од тој виртуелен свет и врати во сегашноста, гледајќи кон пространството на Минхен пиејќи го вечерното кафе, одеднаш од мојот мобилен телефон излегува звук дека сум добил, односно ми пристигнала порака, ја отварам за да видам кој во овој период од денот се одлучил да ми испрати порака, веднаш на дисплејот ми се појавува стара фотографија која ме навраќа наназад низ спомените на моето детство и спомените на моите сограѓани Подгорчани, време кога се имало почитување, лезет, радост, дружење, пред се живот..

Време кога трчавме низ подгоречките полиња, време кога се радувавме на новиот фудбал(топка), која нашите татковци- печалбари ни ја донеле од почелба или купиле тука, време кога баравме од нашите мајки да ни направат леб со пипер, време кога ќе се радувавме на тропотот на кликерите или клисата и букарето…време кога ги почитувавме оние постарите и радувавме на школското дружење, не заборавајќи да ги почитуваме и поздравиме оние кои не образуваа (учителите)..време кога се радувавме на секој празник,  време кога се радувавме на секоја свадба и се втуркавме кај главниот задолжен за изметчиите и ние да бидеме изметчии на свадба…да се фатиме во оро..време кога барем немаше предрасуди, кој е што е и каде припаѓа, време кога сите беа како едно..време кога во нашата, сега поранешна држава се качувало на воз, автобус и без страв и граници се доаѓало до Љубљана, и се работело со лезет кој колку можел и знаел, ама се печалело и останувало, за жал таква била судбината на нашиот Подгорчанец..

Сега и тоа повеќе го нема.Сега тропаме по вратите на странските амбасади, по туѓите врати и плаќаме кирии во туѓи куќи, а не кај нашите домови..

Се разбира и тогаш не било сё идеално, можеби имало и некои непотребни работи,  недостатоци и слично..а,за тоа се разбира подобро знаат и се сеќаваат знаат оние постарите..

Ама сепак како што велат тие, барем било многу, многу… подобро од оваа денешново (не) време..

Како и да е, за жал ни предстојуваат тешки времиња, а ние како да сме качени на брод кој патува низ бурното море надевајќи се на подобро утре, а брановите на ова време ни го нишаат бродот де од едната, де од другата страна..

Меѓутоа, тоа да го оставиме за некоја наша друга колумна, и овој пат барем да запловиме со нашиот брод, низ спомените на едно убаво прекрасно време.

Аха, и за крај да не заборавам за онаа главното, заборавив да Ви кажа дека пораката на мојот мобилен, со еден куп спомени ми ја испрати Рамис, нашиот прјател, другар и роднина. Сигурно го знаете за кого станува збор, Рамис од Шумадија..кој одлучил спомените преку својот скенер да ги оживее, и замислете ме праша за вредноста на ваквите работи, а мене не ми преостануваше ништо друго освен да се замислам и да му кажам дека нема мерило што може да измери вакво нешто, вакви спомени..

А, ние од времепловот на спомените на нашите сограѓани ќе ви извадиме неколку фотографии.. можеби и вие или некој ваш најблизок ќе се пронајде во нив и кратко со воздишка барем врати наназад и потсети на едно убаво време, далеку поубаво од оваа денешново..