Имамоглу: „Упатувам благодарност до нашиот народ и до моите сограѓани во Истанбул”

0

Кандидатот за градоначалник на Истанбул на Републиканската народна партија (CHP), Екрем Имамоглу, упати благодарност до граѓаните на Истанбул поради тоа што, како што рече, ја заштитиле демократската традиција, откако неофицијалните резултати од повторените локални избори покажаа сигурна победа за него, јавува Anadolu Agency (AA).

„Вие ја заштитивте демократската репутација на Турција пред очите на целиот свет“, изјави Имамоглу, зборувајќи пред медиумите во Истанбул, и додаде: „Вие како народ ја заштитивте вековната демократска традиција. Ви благодарам, мои сограѓани од Истанбул.“

Имамоглу рече дека резултатот од изборите не претставува победа, туку нов почеток за градот.

Според неофицијалните резултати, од 99,37% преброени гласови, кандидатот на Републиканската народна партија (CHP), Имамоглу, освои 54,03%, а кандидатот на Партијата на правдата и развојот (AK Parti), Јилдирим, освои 45,04% од гласовите.

Откако претходното гласање на 31 март беше поништено од страна на Врховната изборна комисија, во трката за функцијата градоначалник на Истанбул се бореа кандидатот на Републиканска народна партија (CHP), Екрем Имамоглу, и кандидатот на Партијата на правдата и развојот (AK Parti), Бинали Јилдирим.