Помпео допатува во посета на Саудиска Арабија на разговори за Иран

0

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, допатува во Ријад на разговори со саудиските власти во врска со тензиите со Иран, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Помпео се очекува да се сретне со саудискиот крал Селман бин Абдулазиз и со престолонаследникот Мухамед бин Селман во градот Џеда, пред да замине за Обединетите Арапски Емирати“ (ОАЕ), соопшти телевизијата „Ал-Арабија“.

Вчера, Помпео соопшти дека заминува за Блискиот Исток за средба со сојузниците од регионот, со цел формирање „глобална коалиција“ против Иран.

Посетата на Помпео доаѓа само неколку дена откако Соединетите Американски Држави (САД) и Иран дојдоа до работ на војна минатата недела, откако Техеран собори американско извидувачко беспилотно летало над Ормутскиот Теснец.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, во меѓувреме истакна дека во последен момент го отповикал одмаздничкиот напад против Иран, бидејќи тоа не би бил „пропорционален“ одговор.

Помпео нагласи дека американската администрација е подготвена за преговори со Иран.

Тензиите меѓу САД и Иран се во пораст од мај 2018 година, кога Вашингтон еднострано се повлече од историскиот договор за нуклеарната програма меѓу Техеран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, плус Германија и ЕУ.

САД оттогаш започнаа дипломатска и економска кампања за зголемување на притисокот врз Иран, со цел да го принудат на повторни преговори за договорот.

Дел од кампањата вклучуваше и повторно воведување американски санкции за извозот на иранската сурова нафта, кои имаа за цел слабеење на иранската економија.

САД, исто така, го зголемија своето воено присуство на Блискиот Исток, распоредувајќи носач на авиони, сили за бомбардирање, како и ракетни батерии „Патриот“, користејќи ги заканите на Иран како оправдување за тоа.

Пред две недели, администрацијата на Трамп соопшти дека ќе испрати дополнителни 1.000 војници на Блискиот Исток, наведувајќи ги како причина „зголемените закани“ од Иран.