„Заев ќе ги насочува дејствијата на Владата од областа на финансиите“

0

Портпаролот на Владата на Република Северна Македонија, Муамет Хоџа, на редовната прес-конференција информираше за одлуките усвоени на 142-та владина седница, јавува Anadolu Agency (AA).

Хоџа рече дека една од точките за кои се дискутираше беа и овластувањата во Министерството за финансии на Северна Македонија. Ова министерско место остана празно откако Собранието, врз основа на предлогот на премиерот Зоран Заев, го разреши поранешниот министер Драган Тевдовски.

Предлогот на премиерот Заев беше тој истовремено да раководи и со Министерството за финансии, но за ова доби негативно мислење од Комисијата за спречување на корупцијата, а беше и критикуван од страна на опозицијата. Како резултат на тоа, премиерот го повлече својот предлог.

Хоџа изјави дека членовите на Владата донеле два заклучока во оваа насока.

„Првиот заклучок е дека претседателот на Владата на Република Северна Македонија ќе ги насочува дејствијата на Владата од областа на финансиите и финансиската политика и спроведување на програмските определби на Владата“, рече Хоџа, додавајќи дека вториот заклучок е дека заменик-министерката за финансии, Ширете Елези, ќе ги преземе сите овластувања и орговорности во раководењето на Министерството за финансии.

Владиниот портпарол, исто така, информираше дека се усвоени предлог- законите за ратификација на Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за отворање нов граничен премин меѓу двете земји, што произлегува од Преспанскиот договор.

На 142-та седница, исто така, е одлучено министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Садула Дураки, да биде назначен за вицепремиер на Владата на Република Северна Македонија.