Премиерот Зоран Заев ја оцени како одлична средбата со својот француски колега Едуард Филип во Познањ, а за летниот период го најави како работен со оглед дека С. Македонија во октомври ќе добие датум за преговори за влез во Европската Унија (ЕУ).

„Одлуката е поприлично апсолвирана, но сите земји си имаат и внатрешна дебата. Но, едно е сигурно, не можат да минат покрај сите успеси кои се заеднички, реформите заедно ги направивме и консензуално ги гласавме во Парламентот. Договорот се имплементира со 81 пратеник во Собранието. Тоа европските лидери и тоа како го почитуваат“, истакна Заев од Штип. 

Премиерот е оптимист и верува дека земјава ќе добие, како што рече, одлична одлука наесен.

„Како што рече канцеларката Меркел, пред нас е оптимистичка есен во која ќе биде зацврстена долгогодишната желба како земја кандидат за членство во Европската Унија да добиеме и одлука за почеток на преговорите“, истакна Заев и најави отворање на поглавјата 23 и 24 во декември ако во октомври се добие посакуваното.  

Премиерот Заев рече дека од Познањ се враќа и со позитивна вест за грант од 43 милиони евра од кои 27 милиони евра ќе бидат наменети за автопатот Скопје – Блаце.

„Околу 2.7 милиони евра ќе бидат ставени во функција за железничките станици и делот од патниот правец кон Табановце со поставување на целокупната неопходна инфраструктура и, ако не се лажам, речиси 13 милиони евра ќе одат за колекторот за гас што го влечеме од Грција кон Неготино и ќе се поврзе на постојниот гасовод. Така да добиваме втор извор на гас“, информира Заев.

Забележа и дека одлуките донесени во Познањ се охрабрувачки за целиот Западен Балкан и за Република Северна Македонија и со нив во октомври се очекува датум за почнување на преговорите за влез во ЕУ. Но, премиерот Заев нагласи дека е добиена и голема чест. Северна Македонија заедно со Бугарија во 2020 година ќе домаќини на Берлинскиот процес, настан што се одржува од 2013 година и чие издание во 2020 година за првпат е доверена на држава кандидат за членство во ЕУ. Како опции за градови домаќини во нашата земја се Скопје, Штип и Охрид (изборот ќе биде дополнително познат) и Софија или Варна кај источниот сосед.