Иран се спрема за надминување на границата за збогатување на ураниумот

0

Иран денеска соопшти дека ќе ја надмине границата за збогатување на ураниумот поставена во рамките на Договорот за нуклеарна програма во 2015 година со светските сили, пренесува Anadolu Agency (AA).

Говорејќи на прес-конференција во Техеран, владиниот портпарол Али Рабиеи истакна дека Техеран ќе ја надмине границата за збогатување на ураниумот од 3,67 отсто, јави државната новинска агенција ИРНА.

Новиот процент на збогатување „ќе се одреди во однос на нашите потреби“, рече тој, без да даде дополнителни детали.

Иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Абас Аракчи, истакна дека Иран ќе ги намали своите обврски во однос на Договорот за нуклеарната програма од 2015 година, обвинувајќи ги европските земји дека не успеале да ги исполнат своите обврски.

„Денеска е последниот ден од 60-дневниот рок и од можноста дадена на Европејците, и бидејќи Иран не го доби она што го очекуваше од обврските кон Заедничкиот сеопфатен акционен план (JCPOA), време е да започне со втората фаза за намалување на своите обврски“, рече тој, мислејќи на Договорот за нуклеарна програма.

Според Договорот, Иран се согласи да ги уништи своите залихи на средно збогатен ураниум и да ги намали залихите на ниско збогатен ураниум за 98 отсто.

Договорот беше потпишан од Велика Британија, Соединетите Американски Држави (САД), Русија, Кина, Франција, Германија и Европската Унија (ЕУ) во 2015 година.

Во октомври 2017 година американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека неговата земја повеќе нема да биде дел од Договорот и се повлече од него. Набргу потоа, Вашингтон наметна санкции кон Иран.