Тачи не учествува на СЕЕЦП во БиХ, Албанија се солидаризира

0

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, преку социјалните мрежи потврди дека нема да учествува на Самитот за процесот на соработка во Југоисточна Европа (SEECP), кој на 8 и 9 јули ќе се одржи во Босна и Херцеговина (БиХ), пренесува Anadolu Agency (AA).

Претседателот Тачи наведе дека и покрај „волјата и подготвеноста“ да учествува на Самитот, решил да не допатува во Сараево поради „понижувачката покана од сегашниот претседател на Претседателството на БиХ“.

„Приштина е секогаш подготвена за добрососедски односи со БиХ и за заемно признавање, но за жал, нашата волја постојано се злоупотребува, како што е тоа сега случај со организирањето на СЕЕЦП во БиХ. Минимум кој Косово го бара за учество на такви форуми е еднаков третман со другите земји учеснички“, наведе Тачи.

Тој додаде дека однесувањето на претставникот на БиХ е „неприфатливо и парадоксално“.

„Претставниците на БиХ применуваат сосема антиевропска практика која не се разликува од онаа во Србија. Со таков деструктивен пристап, регионалната соработка и добрососедските односи меѓу земјите од Западен Балкан остануваат недостижен предуслов на патот кон членството во ЕУ. Република Косово останува посветена на добрососедските односи, регионалната соработка и евроатлантската иднина, но не дозволува дискриминација од страна на кој било“, порача Тачи.

По оваа изјава на претседателот на Косово, Тачи, своето учество на Самитот на СЕЕЦП во Сараево го откажа и министерот за надворешни работи на Албанија, Гент Цакај.

Цакај на социјалната мрежа Твитер соопшти дека и Албанија го откажала учеството на Самитот поради односот на организаторот кон Косово.

„Албанија го откажува учеството на Самитот на СЕЕЦП во знак на солидарност со Косово. Односот на организаторот кон Косово е неприфатлив и е во спротивност со целта на создавање атмосфера на доверба, добрососедски односи и стабилност. Нема соработка без еднаков третман. Остануваме заедно“, порача Цакај.

Албанскиот министер требаше утре да учествува на состанокот на министрите за надворешни работи СЕЕЦП, на кој, меѓу делегациите од земјите од регионот ќе учествуваат и претставници на Европската Унија (ЕУ) и Советот за регионална соработка (RCC).