Камион со ковчези на 33 жртви од геноцидот во Сребреница пристина во Сараево, а како и претходните години, запре пред зградата на Претседателството на Босна и Херцеговина, каде што семејствата на жртвите и граѓаните оддадоа почит на настраданите во геноцидот.

Камионот со посмртните останки потоа ќе продолжи кон Поточари, каде што в четврток, 11 јули, ќе се одржи погребна молитва и ќе биде извршено погребување на останките во комплексот на Меморијалниот центар „Сребреница-Поточари“, јавува Anadolu Agency (AA).

Пред зградата на Претседателството на БиХ, на испраќањето на жртвите од Сребреница, освен семејствата на жртвите, присуствуваа и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со неговата сопруга Емине Ердоган, членовите на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ, реис-ул-улема на Исламската заедница во БиХ, Хусеин Кавазовиќ, претседавачот со Домот на народите при Парламентарното собрание на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, голем број министри од БиХ и Турција, амбасадори, градоначалникот на Сараево, Абдула Скака, членките на Здружението „Мајки на енклавите Сребреница и Жепа“ и многу граѓани на Сараево.

Главната сообраќајница во Сараево беше исполнета со молк, кога на почетокот на улицата се појави камионот со ковчезите. Голем број граѓани, семејства на жртвите, пријателите и роднините, кои се собраа пред зградата на Претседателството, своите најмили ги испратија со солзи и молитви. Голем број граѓани пријдоа на камионот со посмртните останки и ставија цвет во знак на почит за жртвите од геноцидот.

Камионот, кој ги превезуваше посмртните останки од убиените во геноцидот, извршен на 11 јули 1995 година на подрачјето на Сребреница, беше прекриен со државното знаме на БиХ.

Конвојот утринава тргна од Високо, каде што се врши идентификацијата на посмртните останки пронајдени во масовните гробници од војната во БиХ, 1992 – 1995, а нивното доаѓање во Поточари се очекува денеска во попладневните часови.

Во нападот на „заштитената енклава на ОН“ во Сребреница во јули 1995 година, кој го извршија единиците на тогашната Војска на Република Српска под команда на хашкиот обвинет Ратко Младиќ, убиени се повќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња, а десетици илјади жени, деца и постари лица се депортирани или биле принудени спас да бараат во околните шуми, барајќи пат кон слободна територија на подрачјето на Тузла.

Најмладата жртва која ќе биде закопана во Поточари оваа година е Осман Цврк, роден во 1979 година. Тој во моментот на убиството бил малолетен, имал само 16 години. Во зелениот ковчег на малолетниот Осман се наоѓаат посмртни останки пронајдени на неколку различни локации.

Конечен мир оваа година ќе пронајдат и таткото и синот, Заим и Фуад Пилав. Закопани ќе бидат и браќата Мујиќ, Фахрудин (25) и Зијо (28), и браќата Исаковиќ. Асим Исаковиќ во моментот кога е убиен имал 20 години, додека неговиот брат Касим бил само две години постар.

Во Центарот за идентификација „Подриње“ во Тузла се наоѓаат уште 140 неидентификувани жртви, но главно поради некомплетноста на посмртните останки семејствата сѐ уште не се одлучиле на закоп. Меѓу нив се 38 жртви кои се официјално идентификувани и со ДНК анализа и од страна на семејствата, а останатите само врз основа на ДНК анализа.

На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари досега мир пронајдоа 6.610 жртви на геноцидот, а се трага по над 1.000 исчезнати.

Посмртните останки од жртвите на геноцидот се пронајдени на околу 150 различни локации, на кои има повеќе од 70 масовни гробници. Најмладата досега закопана жртва во Поточари е женско новороденче, Фатима Мухиќ, а најстарата жртва е Шаха Измирлиќ, родена во 1901 година.