На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари, денеска е извршена погребната молитва, како и закопот на 33 жртви од геноцидот, извршен во летото 1995 година во Сребреница, јавува Anadolu Agency (AA).

Молитвата ја предводеше реис-ул-улема на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, Хусеин Кавазовиќ.

Повеќе илјади луѓе пристигнаа денеска во Поточари за да оддадат почит на жртвите од сребреничкиот геноцид.

Пред погребната молитва (џеназа намаз) беше организиран верски дел од програмата, потоа е читан дел од романот „Дервишот и смртта“ и е проучена илахијата „Шехиди“, а потоа и изведена музичката композиција напишана во чест на жртвите на геноцидот, „Сребренички инферно“.

Потоа со читање на имињата започна изнесувањето на ковчезите од Мусалата на Меморијалниот центар.

Преживеаните сребреничани – членови на семејствата на убиените, пријатели и комшии, на раце ги пренесуваа зелените ковчези со посмртните останки до гробиштата каде што жртвите од геноцидот пронајдоа спокој по 24 години.

Најмладата жртва којашто е закопана во Поточари оваа година е Осман Цврк, роден во 1979 година. Тој во моментот кога е убиен бил малолетен, имал само 16 години. На табутот со името на малолетниот Осман се наоѓаат посмртните останки кои се пронајдени на неколку различни локации.

Конечниот спокој оваа година го најдоа и и таткото и синот – Заим и Фуад Пилав. Закопани се и браќата Мујиќ, Фахрудин (25) и Зијо (28), како и браќата Исаковиќ. Еден од браќата, Асим Исаковиќ, во моментот кога е убиен имал 20 години, додека неговиот брат Касим бил само две години постар. Покрај нив, денеска ќе бидат закопани останки на уште 26 жртви од геноцидот.

Досега на гробиштата во Меморијалниот центар во Поточари се закопани 432 малолетници и 26 жени. Од тој број, 19 се жени жртви на геноцидот, а останатите настрадале во текот на 1992 година.

Посмртните останки од жртвите на геноцидот се пронајдени на околу 570 различни локации.

Најмладата досега погребана жртва во Поточари е новороденчето Фатима Мухиќ, а најстарата жртва е Шаха Измирлиќ, родена во 1901 година.