Фолксваген и Форд дадоа зелено светло за партнерството во „автономни возила“

0

Германската автомобилска компанија „Фолскваген“ (Volkswagen) и американскиот производител на возила „Форд“ (Ford), соопштија дека донеле одлука за проширување на соработката, која досега беше фокусирана на производството на комерцијални возила, јавува Anadolu Agency (AA).

Во соопштението што го објави „Фолксваген“ се наведува дека Херберт Диес, претседател на Управниот одбор на Фолксваген, и Џим Хекет, претседател и извршен директор на „Форд“, денес во Њујорк ќе одржат прес-конференција на која ќе ги презентираат деталите од одлуката за проширувањето на соработката меѓу двете компании.

Денес на состанокот на Надзорниот одбор на „Фолксваген“, на Диес му е дадено зелено светло за соработката со „Форд“ во технологијата за изработка на електрични и автономни возила.

Двете компании во јануари оваа година дадоа заедничка изјава во која соопштија дека се договориле околу производството на комерцијални возила, додавајќи дека бараат начини и за соработка во производството на електрични и автономни возила.

Експертите истакнуваат дека конкурентноста на полето за намалувањето на емисијата на јаглерод, намалувањето на трошоците во активностите за истражување и развивањето нови технологии по прашањето на електричните и автономните возила ги принудија светските производители на автомобили да работат заедно.

Производителите на автомобили на тој начин ќе ги поделат трошоците од процесот на истражување и развивање, а развиените технологии и компоненти за возилата ќе ги користат заеднички, имајќи за цел да стекнат поголема конкуретност на пазарот.

Во февруари останатите германски производители на автомобили, „Дајмлер АГ“ (Daimler AG) и „Бе-ем-ве“ (BMW) соопштија дека ќе ги соединат своите извори во развојот на автоматска технологија за возење.

На денешниот состанок на Надзорниот орган на „Фолксваген“ (Volkswagen) се очекуваше да биде соопштена и одлуката за тоа каде ќе се гради новиот објект за производство на автомобили вреден 1,3 милијарди евра, но на крајот од состанокот не беше соопштено ништо во врска со тоа прашање.