МЕХАНИЗАЦИЈАТА СЕ ПОВЛЕКУВА ОД СТРИЖАК

0

Денес 03/08/2019 година, започна повлекувањето на механизацијата на А.Д. Илинден Струга од месноста Стрижак.

Како што е познато под притисок на населението од Лабуништа на ден 01/07/2019 г.беше свикан голем собир на граѓани на кој беше избран т.н.одбор за спас на Лабуништа составен од 10 члена со првенствена намена да се справи со најголемата рана и болка на жителите на Лабуништа, каменоломите и масовната сеча на шумата.

Поради сериозноста на проблемите одборот во соработка со правен застапник и активисти на терен континуирано вршеше состаноци и преземаше активности за конечно решавање на овие проблеми. Се организира собирање на потписи и во рок од еден ден беа собрани околу 3000 потписи против каменоломите,беше организиран предупредувачки масовен протест на регионалниот пат Струга/Дебар,се вршеше голем притисок врз политичките претставници:пратениците во собранието на Република С. Македонија, советниците во општина Струга и градоначалникот на општина Струга и секако владата на република С. Македонија.

Членовите на одборот имаа средби со надлежни институции во Скопје и Струга, а воедно беа испратени претставки до премиерот, до владата на Република С. Македонија, до министерството за економија и министерството за животна средина и просторно планирање.Воедно беше организирано 24 часовно дежурство на десетици лабуништани на Стрижак кое наиде на широка морална и логистичка поддршка од жителите на Лабуништа.

 

Имавме широка медиумска покриеност и директна поддршка од страна на невладини организации и здруженија за заштита на природата. Имавме активности и контакти со европски институции за заштита на природата и здравјето на населението и истотака побаравме забрзување на постапката за прогласување на планината Јабланица за национален парк. Благодарност пред се до упорноста на членовите од одборот и активистите како и до институциите кои ни излегоа во пресрет на барањата и секако до министерот за економија г.н Крешник Бектеши кој лично не посети и не информира за активностите на министерството за економија по однос на нашите барања. Концесионерот А.Д Илинден доброволно се откажа од концесијата на Стрижак ,а останатите во рок од 30 дена од законскиот рок треба да ги прекинат сите активности околу каменоломите.

 

Извор:Spektra.com.mk/ Текст и фото: Недим Мехмедоски