Трудова инспекција бара да се поништи огласот за медицински сестри во струшката болница

0

Државниот инспекторатот за труд бара да се поништи огласот за медицински сестри во Општата болница во Струга, бидејќи е извршен спротивно на Законот за работни односи, односно изборот е направен по истекот на рокот од 45 дена. Ваквата одлука инспекторите ја донеле при извршениот инспекциски надзор на 16.07.2019 и констатирано е дека одлуката е донесена спротивно на чл.23, став 2 од Законот за работни односи.

Заради констатираната неправилност согласно член 258 А од Законот за работни односи на ЈЗУ Општа болница Струга и е дадено Укажување за отстранување на утврдената неправилност со Поништување на одлуката од 11.07.2019 за избор на кандидати за медицински сестри, осум дена по приемот на Укажувањето, се вели во известувањето на ДИТ.

Од друга страна, дознаваме дека директорот на болницата  Муамед Асани, поднел жалба на одлуката на Државниот инспекторат за труд и сега треба да се чека да заврши процедурата, односно да се одговори на неговата жалба.

За истиот оглас Претставка вчера била поднесена и до Антикорупциска комисија.

Струшката болница ги проби сите рокови со конкурсот на кој беа избрани 10 лекари, 6 медицински сестри, двајца фармацевти и исто толку лаборанти во високо образование и по еден биохемичар и техничко медицински лице. Огласот на кој се пријавија 64 кандидати беше распишан на 26 декември минатата година, директорот директорот Муамед Асани рече дека сам го направил изборот на примени кандидати.

Жалбата ја поднела медицинската сестра Соња Кочоска која 17 години не може да се вработи, а била високо на ранг листата за прием на медицински сестри.

Кочоска работела со Договор на дело во Здравствениот дом во Струга, но кога после две години завршил договорот и не и бил продолжен на работа биле примени 10 нови медицински сестри.

Кочоска прашува дали има правда во државата и како може огласот да трае од декември минатата година и да биде регуларен.

„ Јас поднесов жалба бидејќи не е земена во обзир ранг листата при избор на кандидати за што беше спроведено и квалификационо тестирање. Дополнително на тоа двајца од кандидатите се од иста група што се коси со правилникот за избор. Огласот треба да се поништи бидејќи рокот од 45 дена е пробиен“, вели Кочоска.

Како што објави НОВА, и лекарката Сања Ѓоревски од Струга осум години бара работа како лекар, при што била одбиена на сите конкурси до сега. Сања е една од одбиените кандидати и на последниот конкурс во Општата болница во Струга, заедно со уште еден нејзин колега со кого работат во истата болница по Договор на дело од минатата година.

На огласот беа примени 10 лекари, од кои седум веќе работеле по Договор на дело и тројца штотуку дипломирани кои волонтирале во болницата во последните 3-4 месеци. Сања вели дека во изборот на кандидати не одлучува директорот ниту посебна комисија, туку локалните партиски моќници. Револтирана е на тоа како се делат работните места, а за себе вели дека не е член на ниту една партија и заради тоа не може да се вработи.

Во државата во моментот недостасуваат околу 700- 800 лекари специјалисти од разни области и има потреба од многу млади лекари и медицински сестри, но вработувањата и понатаму остануваат проблем.

Од Министерството за здравство молк за овој случај иако прашањата беа испратени уште на 17 јули, речиси пред еден месец.

Извор:НоваТВ