Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, го истакна значењето на Азија како нов центар на моќ, јавува Anadolu Agency (AA).

Во своето обраќање пред турските амбасадори на вечерата што ја организираа Одборот за надворешни економски односи на Турција (DEIK) и Собранието на турски извозници (TIM) во главниот град Анкара, Чавушоглу рече дека економската моќ се преместува од Западот кон Истокот.

„Гледаме дека моќта на економијата оди од Запад кон Исток, а Азија испливува како центар на моќта“, рече Чавушоглу.

Тој нагласи дека турското Министерство за надворешни работи започнало нова иницијатива наречена „Азија одново“, која ќе има за цел да ги подобри односите со азиските земји во различни региони.

Иницијативата ќе вклучува соработка во образованието, одбранбената индустрија, инвестициите, трговијата, технологијата, културата и на полето на политичкиот дијалог.

„Светот минува низ процес на промени“, рече Чавушоглу и додаде дека „непредвидливиот период на транзиција“ и „доминирањето на неизвесностите“ се најпредизвикувачките аспекти од овој процес.

Потенцирајќи дека непредвидливоста го отежнува поставувањето на самата цел, тој изрази уверување дека земјата ќе ги надмине овие проблеми.

Чавушоглу ги окарактеризира трговските војни како нови технолошки војни, и рече дека оние што инвестираат во иновации и технологија ќе бидат победници.

„Оваа година, ние ѝ ставаме посебен акцент на дигиталната дипломатија. Знаеме дека силната економија значи силна надворешна политика“, додаде тој.

Турскиот шеф на дипломатијата истакна дека e важно да се следи и анализира насоката кон која се движи моќта на економијата, и соодветно на тоа да се креираат и политиките.

„Нашите колеги имаа корист од состаноците кои ние ги одржавме со деловните совети. Оваа година се усовршивме уште повеќе и без сомнение ќе одржиме попродуктивни состаноци следната година“, рече тој.

Чавушоглу нагласи дека со Амбасадорската конференција Турција имала намера да упати порака да биде силна на терен, исто како и на маса.

„Ние треба да бидеме силни на теренот и треба да бидеме силни на маса. Ако сме силни на терен, можеме да ја постигнеме нашата цел во трговијата, инвестициите и во внатрешните односи. Но, мора да ги зачуваме придобивките постигнати на терен, но и придобивките постигнати на маса“, рече тој.