Во Скопје поделена баклава за Курбан Бајрам

0

Едукативното здружение „Парими културор“ во соработка со Министерството за култура на Северна Македонија го организираше проектот наречен „Едно парче баклава за Курбан Бајрам“ по повод претстојниот празник Курбан Бајрам на скопскиот плоштад „Македонија“, јавува Anadolu Agency (AA).

Граѓаните на Скопје од различно етничко потекло и религија имаа можност да уживаат во поделената баклава.

Покрај тоа, за припадничките на понежниот пол им беа подарени цвеќиња, а туристите исто така беа информирани за важноста на празникот за муслиманите, како и за баклавата како десерт.

Сумеја Рамани од Едукативното здружение „Парими културор“, во изјава за АА посочи дека како здружение оваа година по 7-ми пат се организира оваа активност.

Таа истакна дека проектот се спроведува во соработка со Министерството за култура на Република Северна Македонија.

„Како прво, ја пренесува обединувачката порака и мирот во мултиетничко и мултикултурно место како што е Скопје. Значи со дарување на баклава во чест на празникот Курбан Бајрам како и со доделувањето цвеќиња, поточно рози, сакаме да ја поттикнеме љубовта, толеранцијата, благосостојбата и хармонијата меѓу граѓаните, затоа што без оглед на религиозната и етничката припадност сите ние сме човечки суштества, па нека нè обединуваат нашите вредности и доблести“, рече Рамани зборувајќи за целта на активноста.

Таа истакна дека е прекрасно чувството „кога гледате туристи кои изразуваат големо задоволство и се заинтересирани“.

Една граѓанка, која посочувајќи дека и претходно ја има пробано баклавата, изјави: „Одлично е. Посакувам многу убави моменти за сите што празнуваат, берикет и само добро”.

Оваа година, Курбан Бајрам се слави в недела, на 11 август.