Реџепи во пораката за Курбан Бајрам: Загрижени сме од политичките нејаснотии

0

Поглаварот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Реџепи дееск упати порака по повод муслиманскиот верски празник Курбан Бајрам. Во пораката, покрај честитките и апелот за толеранција, Реџепи се осврнува и на актуелната состојба во државата, за која вели дека предизвикува незадоволство кај обичниот човек, но најмногу се одразува на оние кои се во најтешка економска состојба.

-Денес е Курбан Бајрам, ден кој што ги соединува аџилакот како петиот столб на Исламот и курбанот што ја симболизира подготвеноста на секој муслиман да го докаже своето убедување дека Алах е Еден и дека Тој е Единствениот Господар на сите светови. Истовремено, овој празник е израз на љубовта и почитувањето меѓу верниците, чувства што во моментов ги делат со милиони луѓе и нашите аџии од Македонија кои што се наоѓаат на аџилак. Таму се голем број наши родители, браќа и сетри, ќерки и синови и сите ние желно го очекуваме нивното враќање дома. Но, драги верници, во овие мигови кога сите ние најискрено се посветуваме на Алах преку нашите молитви, една сенка паѓа на нашето задоволство и на нашите нај благородни чувства.

Сите ние сме искрено загрижени поради политичките нејаснотии што директно влијаат на нашите животи, криминалот и корупцијата предизвикуваат незадоволство кај обичниот човек, а истовремено сме соочени со лошата економска ситуација која што генерира сиромаштија од која се најзасегнати токму тие што се во најтешка положба. Сето тоа пак ги тера нашите млади да ја напуштаат земјата во бранови барајќи надеж и утеха надвор од своите огништа. Се плашам, браќа и сестри, дека во скора иднина нашите бајрами ќе ги славиме со многу мал број наши синови и ќерки. И токму затоа, несакајќи никако да го нарушам нашето бајрамско расположение, се обраќам и апелирам до нашите политички чинители, да подразмислат сериозно и да рефлектираат во врска со наведените проблеми.

Браќа и сестри Албанци и Турци, Торбеши, Бошњаци, Роми и сите останати муслимани, како и вие драги сонародници од дијаспората, нека ви е среќен Курбан Бајрам, Аллах да ви подари радости на вас и на вашите најмили. Радувајте се на секој миг од животот, но вашата радост поделете ја и со сите останати наши сограѓани од друга вероисповест и друга национална припадност. На нашите аџии што се наоѓаат во светата исламска земја, им посакувам Алах џ.ш. да им ги прифати аџилакот и нивните курбани. Вербата во Бог и светлината на Исламот нека сјаат секогаш во вашите срца, браќа и сестри, се вели во пораката од поглаварот на ИВЗ, по повод Курбан Бајрам, што до верниците ја пренесе Шабан Сулејмани, декан на Факултетот за исламски науки во Скопје.