Државните лидери упатија честитки за Курбан бајрам

0

По повод исламскиот празник Курбан бајрам, државните лидери на Северна Македонија упатија честитки кон исламските верници, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Во пресрет на празникот кој го потенцира дарувањето и солидарноста“, се вели во честитката од претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, „посакувам и годинава Курбан бајрам да го поминеме во здравје, благосостојба и хармонија, помагајќи им на сите на кои им е потребна помош, поткрепа и безусловна љубов.“

Претседателот Пендаровски, по повод Курбан бајрам, упати честитка и до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Северна Македонија, Сулејман Реџепи.

„Дозволете да ја искористам оваа можност да Ве повикам и понатаму посветено да работиме на разбирањето и меѓусебното почитување, без разлика на верската, етничката или која било друга припадност. Верувам дека со заеднички усилби конечно ќе изградиме едно општество во кое секој ќе се чувствува рамноправен и слободен“, се вели меѓу другото, во честитката на претседателот на државата.

Честитка упати и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, посакувајќи среќни и спокојни празнични денови, „со срдечни желби празникот да го прослават во добро расположение и добро здравје“.

„Курбан Бајрам е празникот на солидарноста, хуманоста, грижата кон другите, единството и еднаквоста. Ова се вредностите кои треба да бидат наша заедничка водилка во градењето едно општество за сите. Да ги негуваме овие вредности како наш заеднички влог во просперитетна иднина. Возвишениот, благороден сјај на овој празник нека зрачи во домовите на сите верници. Честит празник!“, се истакнува во честитката на премиерот Заев.