Во судир со израелската полиција во комплекот на џамијата „Ал Акса“ повредени 37 Палестинци

0

Најмалку 37 Палестинци се повредени во денешните судири со израелските сили во комплексот на џамијата „Ал Акса“ во окупираниот источен Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).

„Одреден број Палестинци се повредени за време на судирите со израелските сили во комплексот „Ал Акса“. Палестинците се повредени кога се обидуваа да ги спречат еврејските доселеници да упаднат во џамијата“, рече Фирас ал Дибс, портпарол на Управата за исламски вакафи во Ерусалим.

Во меѓувреме, палестинската Црвена полумесечина соопшти дека 37 Палестинци се повредени откако израелските сили ги нападнаа верниците со гумени куршуми, солзавец и палки.

„Верниците беа полесно повредени, а 14-мина се хоспитализирани поради понатамошно лекување“, се наведува во соопштението.

„Израелската полиција претходно ги спречи радикалните Евреи да влезат во џамијата поради големиот број муслимански верници и можни судири“, јавија израелски медиуми.

Исламските вакафи во Ерусалим решија да ја одложат Бајрамската молитва (Бајрам намазот) во 7:30 часот по локално време, наместо во 6:30 часот, како што е предвидено, со цел да се спречи упадот во комплексот.

Радикалните еврејски организации во текот на неделата повикуваа на упад во џамијата. Тие честопати во придружба на израелската полиција влегуваат во „Ал Акса“, што доведува до зголемени тензии меѓу Палестинците и израелската полиција.

Комплексот „Ал Акса“ се простира на 15 отсто од површината на старото јадро на Ерусалим, кое е под израелска окупација, и претставува точка на спојување на трите најголеми религии во светот. По „Месџиду-л Харем“ во Мека и Пратениковата џамија во Медина, „Ал Акса“ е третото најважно место за муслиманите.