Пендаровски за Рекет: Да има и кривична и политичка одговорност за сите инволвирани

0

Претседателот Стево Пендаровски барам од надлежните, ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата во врска со аферата „Рекет“,  со почитување на начелото на презумција на невиност, доколку има докази да се поднесат обвиненија против сите без разлика дали се носители на јавни функции и освен кривично правна одгорност, доколку има и друга одговорност како заштита, да има и политичка одговорност.

-Нема правна држава ако власта ги гони криминалците само од претходната власт, а не и криминалците во своите редови, рече Пендаровски на прес конференцијата.

-Јас, јавно, уште на самите почетоци на аферата Рекет” го кажав својот став дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет, а, не е така. Аудио и видео снимките кои се споделуваат на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. И јас, како граѓанин, како човек, не само како претседател, сум разочаран затоа што се изневерени и моите очекувања и тоа најмногу од луѓето од кои очекуваме да се борат за правна држава, рече Пендаровски.

Тој ги повика сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти.

-Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери, рече претседателот Пендаровски.

Тој посочи дека помалку е важно кој ги набавил и ги објавил материјалите, туку дали тоа што е објавено е вистинито.

Од медиумите побара внимателно да ги проверуваат информациите што се објавуваат, бидејќи како што рече лажните вести имаат за цел да ја поткопаат довербата во институциите.

Тој дава целосно поддршка на надлежните институции, на судството и обвинителството и ќе ги искористи своите законски и уставни надлежности да ја заштити нивната независност.

Евентуалната одговорност на еден обвинител не може да го доведе во прашање целото Специјално јавно обвинителство, рече Пендаровски, осврнувајќи се на улогата на СЈО, во контект на споменувањето на името на обвинителката Катица Јанева во аферата. Рече дека неговата доверба во оваа институција постои поради нејзиниот минат труд во однос на ослободување на заробената држава и евтоатлантскиот пат на земјата.

– Не се сите обвинители и судии корумпирани. Најголемиот дел се доблесни професионалци со кредибилитет, рече Пендаровски, но побара истрага која ќе ја утврди улогата на сите кои досега се споменати во аферата.

Пендаровски прецизира дека е разочаран што како што рече среде аферата, надлежните од судско -обвинителските институции заминале на одмор, наместо да работат на случајот.

-И од аспект на евроатлантските институции мора ова да го расчистиме брзо, Можеби не во делот на НАТО, бидејќи сме во завршна фаза. Но во однос на ЕУ интеграциите не смееме преку вакви случаи преку инертноста и непостапување да дадеме повод кај некои земји членки од ЕУ кои се скептични кон проширувањето, рече Пендаровски.

Пендаровски засега нема намера да свика седница на Советот на Национална безбедност, бидејќи како што рече нема опасност по суверенитетот и интегритетот на земјата, односно нема ниту еден индикатор дека можно е нарушување на безбедносната состојба, а надлежните органи ја следат ситуацијата.

-Колку сум јас информирам, засега поради ситуацијата нема никаква промена во нивните ставови. И помали афери се повод некои земји да кажат дека не им треба Западениот Балкан. Затоа ние имаме обврска да не им дадеме аргумент плус, рече Пендаровски.

На прашањето дали е можно оваа афера да предизвика паѓање на Владата, Пендаровски рече дека тоа е не негова надлежност, но лично мисли дека минимум додека не се затворат битните прашања во однос на евроинтеграциите и без спроведен попис, не би требало да има предвремени избори во земјата.

-Оваа тешка ситуација ја става на огромен тест правната држава, надлежните институции и сите нас, одговорните политичари. Ако надлежните правосудни органи ја истераат работата до крај, а очекувам да биде така и никако поинаку, ќе докажеме дека навистина функционира системот. Во спротивно ризикуваме нашите граѓани да ја загубат вербата во сите нас во политичарите, во својата држава, но овој пат дефинитивно, рече Пендаровски.

Извор:НоваТВ