Северна Македонија и Бугарија ќе реализираат проекти од областа на локалната самоуправа

0

Министерот за локална самоуправа на Северна Македонија, Горан Милевски, и министерката за регионален развој и урбанизам на Бугарија, Петја Аврамова, денеска потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете министерства, јавува Anadolu Agency (AA).

Министерот Горан Милевски, во своето обраќање пред потпишувањето на Меморандумот за соработка, рече дека Договорот предвидува воспоставување соработка во областа на европската и евроатлантската интеграција и дека во првиот програмски период заедно се реализирани 100 проекти, и има над 95 отсто искористеност на средствата од Европската Унија.

„Во вториот програмски период, од 2014 до 2020 година, на располагање за проекти за двете земји има 19,5 милиони евра, два милиона повеќе во однос на претходниот. Во рамките на првиот повик веќе се во фаза на реализација 48 проекти, а пред само еден месец во Софија беа потпишани договорите за финансирање на 17 нови проекти, во вкупна вредност од 7 милиони евра, коишто ќе бидат имплементирани во 5 општини во нашата земја, како и во општини во Бугарија“, нагласи министерот Милевски, додавајќи дека еден од предлозите е целосна изградба и ставање во функција на граничниот премин „Клепало“, кај Берово.

Тој, исто така, наведе дека граѓаните што живеат од двете страни на границите често споделуваат исти или слични проблеми и дека за тие проблеми треба да се најдат заеднички решенија.

Министерката за регионален развој и урбанизам на Бугарија, Петја Аврамова, истакна дека денешното потпишување на Меморандумот е одличен показател за одличната и долгорочната соработка меѓу двете земји и двете министерства.

„Бугарија и Република Северна Македонија одржуваат активни контакти во сите области од заемен интерес, кои се важни за развивањето, просперитетот и стабилноста во Југоисточна Европа“, нагласи Аврамова, потсетувајќи дека нивната цел е Софија и Скопје да бидат поврзани со убава магистрала и брза железница.

Потпишувањето на Меморандумот е во рамките на имплементацијата на Договорот за пријателство, соработка и добрососедство, потпишан меѓу владите на Република Северна Македонија и Република Бугарија.