Касперски: Нападите на вирусот „Ransomware“ во пораст за 46 отсто

0

Нападите на малициозниот софтвер „Ренсомвер“ („Ransomware“) бележат пораст од 46 отсто во второто тримесечје од 2019 година, објави денес компанијата за кибербезбедност „Касперски“, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во периодот април – јуни, од вирусот се нападнати над 202.000 корисници, а во истиот период минатата година беа нападнати 159.000 корисници.

„Ransomware“ е еден вид малициозен софтвер кој ги заклучува или го ограничува користењето на хард дисковите на компјутерите сè додека не се плати откупнина на нелегалната организација.

Од Касперски, исто така, велат дека верзиите на вируси од овој вид во второто тримесечје од годината се зголемил.

Речиси една четвртина од сите напади ги извршил вирусот од овој тип наречен „WannaCry“, и покрај тоа што софтверскиот гигант „Мајкрософт“ воведе програмски код против овој малициозен софтвер пред две години.

Друга закана од овој тип претставува и вирусот „Gandcrab“, на кој му припаѓаат 13,8 отсто од сите напади.

Компанијата истакнува дека за да се заштитат од ваквите напади, корисниците треба да ги апдејтираат своите оперативни системи, да прават резервни копии на фајловите и да ги зачувуваат во „клауд“ платформата за складирање.

Од Касперски додаваат дека корисниците треба да користат софтвер за декодирање за да ги вратат своите заклучени фајлови, наместо да плаќаат откуп на нелегални организации.