„Ако го ризикуваме прогресот во борбата против криминалот, ги ризикуваме евроинтеграциите“

0
9

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на прес-конференција повика на целосна поддршка на судските власти за брза, ефективна и транспарентна постапка во случајот „Рекет“, со што, според него, повторно ќе се осигури довербата во институциите и владеењето на правото, јавува Anadolu Agency (AA).

Османи рече дека актуелните случувања имаат силно влијание врз целокупните општествени и политички случувања во земјата.

„Случајот „Рекет“ е директна закана за институционалниот капацитет на земјата за неселективно справување со организираниот криминал и корупцијата и владеењето на правото, доведувајќи го во прашање кредибилитетот на една од најважните институции создадени за оваа намена, Специјалното јавно обвинителство“, рече Османи.

Вицепремиерот ги охрабри властите да продолжат со истрагата „без разлика каде води таа“. Османи рече дека ги посетил Финска и Данска, каде што покрај пофалбите за сработеното, Северна Македонија добила јасни и добронамерни совети, кои, според него, треба да се сфатат сериозно.

„Неселективната борба против организираниот криминал и корупцијата и ефикасното спроведување на владеењето на правото претставуваат фундаментални европски вредности за кои земјите од Европската Унија имаат низок праг на толеранција. Во оваа насока, ако го ризикуваме досегашниот напредок во оваа област, ние исто така го ризикуваме постигнатиот напредок во европските интеграции“, рече Османи.

Вицепремиерот ги повика политичките партии да најдат решение за Законот за јавно обвинителство со кој треба да се регулира судбината на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). На овој начин, Османи рече дека ќе се отстранат сите сомнежи за земјите членки на ЕУ, пред да се донесат важните одлуки во октомври годинава, кога Северна Македонија очекува да добие датум за почеток на пристапните преговори.

Во случајот „Рекет“, за кој Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција започна истрага на 15 јули, осомничена е специјалната обвинителка, Катица Јанева, која се сомничи за злоупотреба на службената должност и овластувања. Од 21 август, таа е во 30-дневен притвор во затворот „Шутка“.