Турската полиција уапси поранешен војник кој е осомничен дека логистички помагал на тим на специјалци кои се обиделе да извршат атентат на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, за време на обидот за државен удар во 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).

Претходно суспендираниот наредник на турската војска, A.O. е уапсен во Ескишехир, а наскоро ќе биде префрлен во Измир каде што се води истрага.

За време на обидот за државен удар во ноќта 15 кон 16 јули специјален тим на пучисти со хеликоптер стигнаа во хотелот во Мармарис со задача да го убијат турскиот претседател Ердоган, при што се убиени двајца полицајци.

Муницијата на тимот на атентатори ја дал уапсениот A.O., кој 15 дена пред тоа е поставен на должност во магацинот за оружје.

Ердоган успеа да го напушти комплексот на одморалиштето и да отпатува во Истанбул со обраќање на нацијата во која ги повика луѓето да излезат на улиците и да го спречат предавничкиот обид за државен удар.

Терористичката организација ФЕТО стои зад неуспешниот обид за државен удар во Турција, во ноќта, на 15 јули 2016 година.

Припадниците на оваа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Претходно, првин во декември 2013 година, во правосудството на Турција, преку наместен процес поради наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.

Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули офицерите во турската војска, припадници на терористичката организација, започнаа пуч.

Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја земја во која е активна, а на тоа во повеќе наврати укажаа и турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251 лице, а ранети беа околу 2.200 лица.