Колку Законодавниот дом во Македонија е реална слика на волјата на граѓаните? Постоечкиот изборен модел е во полза на поголемите партии, а претставниците на помалите ќе речат дека треба да се наметне прашањето како да се „совлада“ монополот на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ?

Неодамна повторно во јавноста темата за изборниот модел ја наметнаа 12 пратеници од 10 партии и еден независен пратеник.

Нивниот императив сега за сега е една изборна единица, а за листите дали да бидат отворени или затворени, постои можност за дискусија. Лилјана Поповска (ДОМ), една од потписничките на оваа иницијатива, за ИРЛ вели, со една изборна единица би се обезбедила правичност и ќе се одбегне постоечкиот „црно-бел“ свет.

„Нашата идеја за промена на изборниот модел е за секоја партија сама да настапи на изборите и да не се нужни предизборни коалиции, туку тие подоцна можат да се прават. Вака граѓаните би имале можност да гласаат по идеологија, а пред нив ќе се најде поголема понуда, поавтентична и независна“, објаснува Поповска.

Соединети во оваа идеја, пратениците од помалите партии потенцираат дека со една изборна единица, полето за натпревар би било многу пофер со оглед на гласовите кои ги губат на сметка на поголемите партии.

„Не е правично 100.000 гласови да одат кај две-три партии“, дополнува Поповска, одговарајќи на прашањето за размислувањето на 12-те потписници во однос на распределбата на мандати според Донтовиот модел.

Собраниски извори за ИРЛ велат една изборна единица е идеја за која поголемите партии се подготвени да дискутираат, но не наидуваат на конкретна поддршка. Единствено Зоран Заев, претседателот на СДСМ се согласил кон крајот на месецот да оствари состанок за оваа иницијатива, а тоа е и логично ако се земе предвид дека во предизборната кампања токму тој „вети“ една изборна единица.

„Ние сме за секоја измена што ќе ја демократизира Македонија. Со една изборна единица добиваат малите партии, големите губат, но, што е најважно, добива Македонија. Подемократски парламент и со тоа и подемократска влада. Ова го бараа малите партии, а големите можат да го испорачаат. СДСМ е голема партија и очекуваме да бидеме прворангирани на изборите, што значи ние ќе изгубиме најмногу пратеници, но Македонија не смее да си дозволи веќе нови диктатори“, изјави Премиерот во улога на опозиционер летото 2015 година.

ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ БЕЗ ЈАСЕН СТАВ НО СО ПЛАН ЗА ОТВОРЕНА ДИСКУСИЈА

За најголемите партии една изборна единица, (со оглед на тоа колку мандати би освоиле) може да значи и помалку пари. На 25.јули 2018, консензуално беа донесени измените на Законот за финансирање на партиите, според кој се зголемија парите за партиите.

Годишното финансирање на политичките партии, кои беа во висина од 0,06 отсто од вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија, се зголеми на 0,15 отсто.

Од овие средства, според постоечкиот закон, 30% се наменети за малите партии, додека 70% за големите партии.

За една изборна единица од СДСМ велат отворени се за дискусија, но мора да се земат предностите и недостатоците од меѓународните искуства.

„Промена на изборниот модел односно една изборна единица и отворени лист е програмска определба на СДСМ. Секако по однос на ова прашање мора да имаме координации и во рамки на Собранието каде ќе треба со консензус да донесеме одлука. Подготвени сме да го отвориме и да го дебатираме прашањето. Секако не треба да ги исклучуваме и нашите партнери и пријатели од меѓународната заедница во однос на тоа што кажува практиката низ европските држави каде што веќе има таков изборен модел. Се надеваме брзо ќе почнат со состаноци и работните групи кои ќе дискутираат по овие прашања“, велат од СДСМ за ИРЛ.

За главната опозицика партија, „не е толку важно“ каков изборен модел ќе има државата, за кој исто така велат се подготвени да дискутираат, ами веруваат дека граѓаните сигурно ќе гласаат во полза на ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ прифаќа да разговара за сите прашања кои водат кон подобрување на демократијата и на изборниот процес. Особено ако со таков модел сериозно се застане на патот на “брзи прсти”, поткуп во изборни цели и други изборни нерегуларности посведочени во последните два гласачки циклуси. Секоја иницијатива се разгледува со сериозност, така и оваа што се однесува на измени на изборниот модел. ВМРО-ДПМНЕ ќе ја разгледа иницијативата и ќе заземе сериозен став по неа и секако за тоа ќе ја информира јавноста. Но, тоа што е важно е дека без разлика на изборниот модел, ВМРО-ДПМНЕ е победник на предвремените избори и ќе ја формира следната влада со јасна задача да започне обновата на Република Македонија“, велат од партијата за ИРЛ.

И во услови кога двете најголеми партии во јавниот дискурс даваат сигнал дека можеби и ќе го преземат ризикот да се оттргнат од системот кој ги фаворизира, внатрепартиските размислувања, во клима на различни партиски идеи за изборниот модел, слободно може да се претпостави дека моментот кога спикерот Талат Џафери ќе го отвори прашањето во собраниската сала, ќе доведе до повторни обраќања на конто „што направиле едните, што направиле другите“.

Од албанскиот блок ДУИ подолго време ја застапуваше идејата за една изборна единица, а Поповска и дванаесетмината иницијатори токму од нив очекуваат поддршка за предлогот.

Мапа на постоечките шест изборни единици во кои се гласа
Мапа на постоечките шест изборни единици во кои се гласа
Новоформираната „Алтернатива“ (отцепена од БЕСА) на Африм Гаши се согласува со моделот за една изборна единица на која ќе има отворени листи. За БЕСА, најправично застапување во Собранието би било кога ќе е гласа во три наместо шест изборни единици, што пак го отвора прашањето за како би биле формирани истите.

„Тоа е многу лесно. Единицата и двојката ќе се спојат, тројката и четворката ќе се спојат, петка и шестка ќе се спојат“, потенцира Фадил Зендели од БЕСА.

Нивната идеја е за отфрлање на Донтовиот модел на распределба на гласови, кој сметаат, ги привилегира големите партии, а преку отворени листи да се добие на демократизација со тоа што граѓаните би биле поослободени од политичарите кои „си носат гласачи“.

„Со отворени листи ќе мора да се освојуваат гласови и во други градови, а не некој од село ги собрал сите и гласаат за него“, дополнува Зендели.

Што се однесува засега на идејата која доминира – една изборна единица, за нив е примамлива и би ја прифатиле со неколку исправки за кои вели ќе треба допрва да се дискутираат.

ОТВОРЕНИ/ЗАТВОРЕНИ ЛИСТИ

Од 2002 година досега, во Македонија на сила е пропорционален изборен модел со шест изборни единици. Kога се применува овој модел, кандидатите или политичките партии кои добиле најмногу гласови учествуваат во распределбата на мандатите. Во овој случај гласачот гласа за листа на политичка партија, а кандидатите добиваат онолку мандати колку што добила гласови нивната предложена листа.

Системот на избор е варијабилен, така што различно се избира во државите низ светот. Од прашањата кои се наметнаа во Македонија, отворени или затворени листи, едните даваат поголем увид во идните репрезенти во Собранието од другите.

Со отворените листи, освен партијата и граѓанинот би имал можност да ги рангира пратениците кои би влегле во Собранието. На затворените пак, партиите би одлучиле кои се нивните носечки имиња.

Постојат варијабили на сосема отворени листи, но и отворени преференцијални, каде носечките 4-5 места би биле загарантирани за најзвучните имиња на партијата, но оттука се отвораат прашањата за прагот на влез на еден кандидат во Собранието, за кој исто така допрва треба да се дискутира дали би бил природен или „ултимативен“.

Прашањето за изборниот модел е комплексно прашање кое во блиска иднина ќе донесе повеќе дилеми кои ќе треб да се „испеглаат“, но она што е факт е дека постоечкиот модел ги ограничува помалите партии и поединците да обезбедат пратенички мандат доколку немаат концентрација на гласови во една изборна единица.

Извор:irl.mk