Една година по референдумот за Преспанскиот договор: Северна Македонија на чекор до членство во НАТО

0

Решавањето на повеќедеценискиот спор за името помеѓу Македонија и Грција, беше услов за одблокирање на евроинтегративниот пат на Република Македонија, поради што Владата на земјата водеше преговори со грчката Влада со цел да дојде до решавање на спорот, а со тоа и отворање на патот кон НАТО и Европската Унија (ЕУ), што се стратешки цели на државата уште од нејзината независност од 1991 година.

По одржувањето на преговорите за решавање на спорот за името, кои се водеа под покровителство на Обединетите нации (ОН), во јуни 2018 година беше постигнат Преспанскиот договор (Договор за решавање на спорот за името и стратешко партнерство).

Според Договорот, предвидено е Македонија да го смени своето име од Република Македонија во Република Северна Македонија. По потпишувањето на Договорот следуваа чекорите на неговото спроведување.

Во врска со Преспанскиот договор минатата година на 30 септември се одржа консултативен референдум. Прашањето на референдумот беше „Дали сте за НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција?“.

На референдумот, според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) излегоа 36,91 отсто од вкупниот број гласачи, со што не беше постигнат потребниот цензус за излезност од 50 отсто од вкупниот број регистирани гласачи. Од гласачите кои излегоа на референдумот, 91,46 отсто гласаа „за“.

Против потпишување на Преспанскиот договор и промената на името на Македонија во Северна Македонија беше опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот претседател на државата, Ѓорѓе Иванов, кој по референдумот изјави дека народот го отфрли Преспанскиот договор и дека „реалноста е дека референдумот не успеа“.

По спроведување на рефенрендумот, имплементацијата на Преспанскиот договор продолжи во понатамошната фаза, односно во Собранието, каде што во октомври минатата година со двотретинско мнозинство започна постапката за пристапување кон уставни измени кои се дел од Договорот, а со цел промена на уставното име на државата.

Договорот беше ратификуван во Собранието на Северна Македонија, а потоа и во Собранието на Грција.

Владата на Република Северна Македонија објави дека на 12 февруари 2019 година стапува на сила Преспанскиот договор, со што продолжија понатамошните фази од имплементацијата на договорот, меѓу кои и процесот на менување на имињата на државните официјални институции, претријатија и организации.

Паралелно со процесот на имплементацијата на Преспанскиот договор, Северна Македонија и Грција ги унапредуваа билатералните односи во повеќе сфери.

Посетата на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас на Северна Македонија во април годинава е прва официјална посета на оваа земја на еден грчки премиер. Средбата македонскиот премиер Заев и Ципрас ја оценија како историска одредница и историски чекор напред за Балканот и за Европа.

Во рамките на посетата на Ципрас во Скопје, тој информираше дека со Владата на Северна Македонија е потпишан Меморандум за разбирање за отворање нов граничен премин во Промахој, што според него ќе ја зацврсти соработката во поглед на туризмот, трговијата и комуникацијата на двата народа.

Потоа, во мај министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Република Грција разменија ноти, со кои се подига нивото на Канцелариите за врски во Атина и Скопје на ниво на амбасади, со што започна и нова ера во дипломатските односи помеѓу двете земји.

Во меѓувреме во Грција, во јули оваа година, по одржувањето на парламентарните избори дојде до промена на власта, на местото на доскорешниот премиер Алексис Ципрас дојде Киријакос Мицотакис, но за сега нема позабележителни промени во однос на спроведувањето на Преспанскиот договор.

– Одблокирање на евроитнегративните процеси на Северна Македонија –

По постигнувањето на Преспанскиот договор се отворија вратите на Северна Македонија за членство во НАТО алијансата. Во јули минатата година, земјата доби покана од НАТО за почеток на пристапните преговори.

Земјите членки на НАТО во февруари годинава го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО. За да стане полноправна земја членка на НАТО, Протоколот за пристапување треба да биде ратификуван во парламентите на сите 29 членки на Алијансата. Протоколот веќе го ратификуваа 21 земја членка на НАТО, а четири се во процедура, информираше претседателот на Собранието Талат Џафери на почетокот на месец септември.

Според најавите на официјалните владини претставници, земјата очекува да стане дел од НАТО до крајот на оваа година, а во однос на почнувањето на преговорите за членство во ЕУ, европските високи претставници најавуваат дека ваквата одлука би можела да биде донесена во месец октомври оваа година.