Шаленберг: „Скопје испорача, сега е редот на Брисел“

0

Сојузниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг, престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, при што беше пречекан од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, јавува Anadolu Agency (AA).

По состанокот меѓу делегациите, двајцата министри одржаа заедничка прес-конференција, на којашто рекоа дека во фокусот на разговорите била темата за евроинтеграциите.

Министерот Димитров рече дека оваа посета на неговиот колега Шаленберг се случува во многу важен момент, кога, како што истакна, нè делат неколку дена од историската одлука на Европската Унија (ЕУ) за отпочнување разговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.

 

„Македонското општество е позрело и подемократско општество од пред три години и тоа е факт. Правиме скокови и во слободата на медиумите, и во независноста на судството, има повеќе одговорност, има очигледно независна Антикорупциска комисија, има добри и видливи реформи во разузнавачкиот сектор. Сè заедно, заслуживме да го направиме следниот чекор, којшто е почеток на европскиот пат, не е крај“, рече Димитров.

Австрискиот министер Шаленберг истакна дека неговата посета е силен сигнал за поддршката и солидарноста со Северна Македонија.

„Следната недела се доближуваме до клучниот моментот во Европската Унија. Мораме да донесеме одлуки за идните преговори за пристапување на Северна Македонија и Албанија. Можам да ве уверам дека Австрија има многу јасен став за ова. Веруваме, како што рековте и самиот (министер Димитров), заслуживте да го направите следниот чекор. Скопје испорача, сега е редот на Брисел да испорача. Тоа е толку едноставно“, рече Шаленберг.

За време на престојот во Скопје, австрискиот министер се сретна и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

– Северна Македонија и Албанија не треба да бидат жртви една на друга –

Министрите Димитров и Шаленберг беа прашани и за можноста за одделно одлучување на Советот на ЕУ за Северна Македонија и за Албанија, со оглед на различните мислења на одредени земји на ЕУ за двете држави.

Министерот Шаленберг потврди дека ставот на Австрија е дека и двете држави треба да добијат „зелено светло“ за да ги започнат преговорите за членство во ЕУ.

Министерот Димитров рече дека во интерес на Северна Македонија е и Албанија да „чекори напред“, но истакна дека процесот на пристапување се заснова на индивидуалните достигнувања на одделните држави.

„Најдобрата опција за нас е двете да одиме напред, меѓутоа не смееме да дозволиме една да биде жртва на другата. Значи, два е подобро од една, меѓутоа една е подобра од нула што е се разбира неуспех и за самата, и може да ја сруши и самата политика на проширување на Европската Унија“, рече Димитров.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија додаде дека започнувањето на преговорите за двете земји ќе биде од корист за целокупната атмосфера и геополитичката состојба на Балканот.