Не си играјте со Преспанскиот договор!

0
8

Нема сомнеж дека француското НЕ не разочара сите. Разбирлив е земјотресот што го предизвика дрскоста на Макрон, така ноншалатно, без какви било консултации и вон сите демократски механизми, шармот на францускиот јазик да го сведе на путинско ЊЕТ. Но, по првичните оправдани емотивни изливи, време е да се прибереме и да не дозволиме емоциите да не вовлечат во вртлог кон некоја длабочина од која нема назад.

Деновиве се погласно и од се повисоко се слушаат тонови кои водат во насока на можна негација или оспорување на Преспанскиот договор. Кога таквите гласови доаѓаат, особено од еден потесен круг на опозицијата кој веќе е со паметот во Москва, може да речеме дека сме навикнати на нивните авантури во однос на стратешките интереси на државата. Но, кога простор за такви шпекулации отвораат високи претставници на власта, работата е многу посериозна.

Имено, Македонија за кратко време, за неколку месеци, треба да стане членка на НАТО. Членството во овој најмоќен воено- политички сојуз во моментов е единствената надеж за Македонија да опстане онаква каква што ја имаме сега. Да потсетам, до таму не носи само и само Преспанскиот договор. Неговото оспорување по било која основа на врат може да ни ја врати Грција, чија нова влада чека каква било прилика да го стори тоа и да ни ја извлече и последната надеж од раце.

Макроновото ЊЕТ ни ги затемни ѕвездичките, како што вика Заев, но не и шансите за некаква иднина. Ударот на неговата дрскост е многу посериозен од само емоционалниот шок кој го предизвика. Макрон со спуштање на рампата за проширувањето, ја доведува во прашање целата геополитика во регионот. Тој исто така, со својата одлука му се спротивстави на Вашингтон кој неодамна именуваше дури двајца високи дипломати за свои специјални претставници на Балканот.

И двајцата, како главен инструмент за нивната политика го имаа морковот наречен членство во ЕУ.

По одлуката на Макрон тие ќе мора да ја променат својата стратегија имајќи го предвид нивниот интерес да ја решат трајно стабилноста на овој регион, а со тоа да го обезбедат и нивното влијание овде, како и тоа да си ги повлечат речиси 600 војници кои се на Косово и кои имаат сериозни финансиски импликации дури и за една Америка, особено на оваа која ја раководи Трамп. За решавање имаат две крупни прашања – Косово и Босна. Без ЕУ морковот, единствена опција им е да се сконцентрираат на веќе отворената варијанта за размена на територии и ново кроење на границите.

Опцијата размена на територии претпоставувам дека на сите им е јасно оти не може, а да не се рефлектира врз Македонија, бидејќи самата формула подразбира хомогенизација по национална основа и е антипод на она што ние се обидуваме да го изградиме како мултиетничко и мултиконфесионално општество за да се задржиме во овие граници.

Одлуката на Макрон ни го разводнува до целосна неутрализација лепилото какво што е идејата за членство во ЕУ која е (беше) една од главните кохезивни сили во оваа општество богато со различности. Сега останува уште само НАТО околу кое сме обединети сите во желбата да бидеме дел од него, без разлика на нашите етнички, културолошки или религиски разлики. Дополнително, членството во НАТО го цементира територијалниот интегритет на државата со што ја одлепува Македонија од сите прецртувања на границите кои ќе започнат наскоро на некоја преговарачка маса.

Оваа, за овие и вакви констелации, позиција во моментов е нашиот џокер  кој го добивме во раката, благодарение на Преспанскиот договор. Тој договор го овозможува издавањето на имотниот лист на оваа држава ваква каква што ја знаеме и сакаме. Ако Макроновата одлука е историска грешка тогаш напуштањето на редот во кој 30 години го чекаме тој имотен лист кога сме на метар до шалтерот, ќе биде историска глупост со несогледливи последици.

Извор:НоваТВ/ Борјан Јовановски