Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ги критикуваше Соединетите Американски Држави (САД) за неиспорачувањето на водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, во Турција, порачувајќи дека водачот на терористите на ФЕТО е еден проект што престојува на 40 хектари земјиште во САД. Како што истакна, Ѓулен е исто толку важен за Турција, како што за САД беше важен Ебу Бекр ал-Багдади, јавува Anadolu Agency (AA).

Ердоган денеска говореше на редовниот неделен состанок на пратениците на владејачката партија за правда и развој (AK Parti) во турскиот Парламент во Анкара. На почетокот на обраќањето тој се осврна на економијата на Република Турција во последните 17 години, односно од 2002 година кога АК Партијата дојде на власт во земјата.

„Ако го погледнеме периодот од последните 17 години, до која точка ја донесовме Турција, тоа е навистина вредно за восхит. Покрај тоа, тоа е период во кој Турција беше соочена со напади од разни терористички организации и економска саботажа“, рече Ердоган.

Говорејќи за водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, Ердоган ги праша САД зошто го чуваат водачот на терористите, односно зошто го кријат Ѓулен, и покрај фактот што проследени се над 90 документи за него од турските судови.

„Тој не е редок вид индиска ткаенина. Значи, овде имаме друг проект. Водачот на терористите на ФЕТО е еден проект. И како проект престојува на 40 хектари земјиште во САД. Кога треба некој да биде испорачан во САД, вие велите „испратете ни го“. Извинете, но така веќе нема да може“, рече Ердоган.

Потсетувајќи дека целиот свет се дигна на нозе по информацијата дека водачот на терористичката организација ДЕАШ, Ебу Бекр ал-Багдади се самоубил, Ердоган продолжи:

„Добро, но зошто не давате поддршка кога ќе се случи нешто друго? Вие мора да дадете своја поддршка. Колку тој [Багдади, заб.ав.] е важен за вас, толку за нас е важен терористот наречен ФЕТО. Поради тоа што го направи ФЕТО, убиен е 251 мој брат, ранети се 2.193 наши сограѓани. Зарем мислите дека цената за тоа нема да биде платена? Еден дел од цената е секако неговото испорачување во Турција. Поради тоа, ФЕТО, Апо [Абдула Оџалан], тука нема никаква разлика.“

Турскиот претседател се осврна и на планираната безбедносна зона во северна Сирија.

„Знаеме дека во планираната безбедносна зона сè уште има терористи. Овие области сè уште не се исчистени од терористи“, рече Ердоган.

Тој нагласи дека терористите надвор од границите на безбедносната зона организираат напади врз Турските безбедносни сили.

„Ние нема да бидеме набљудувачи на оваа ситуација, туку ќе го направиме она што е неопходно, како што правевме и претходно.“

„Турција ќе ја продолжи својата борба сè до неутрализирање и на последниот терорист во Турција, Сирија и во Ирак“, рече Ердоган.

Сириските градови Рас ал Ајн и Тел Абјад беа расчистени од терористите за време на турската операција „Извор на мирот“, која започна на 9 октомври со цел елиминирање на терористите од северна Сирија, источно од реката Еуфрат, безбедност на турските граници, безбедно враќање на сириските бегалци и осигурување на територијалниот интегритет на Сирија.

Анкара сака терористите на ЈПГ/ПКК да се повлечат од регионот за да може да се формира безбедносна зона со цел да се отвори патот за безбедно враќање на околу 2 милиони бегалци.

Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.

Турскиот претседател исто така го критикуваше и американскиот став за купувањето на рускиот ракетен систем S-400 од страна на Турција.

„Поврзувањето на прашањето за S-400 што го купивме од Русија, со F-35, особено за санкциите и други прашања, нема никаква смисла“, рече Ердоган.

„Таквата упорност ја сметам како нов изговор за непријателство упатено кон нашата земја“, додаде тој.

Ердоган додаде дека вратите на Турција се отворени за земјите, „кои се подготвени да преговараат, да прават компромиси со Турција на рамноправна основа“.

„Турција доби систем, две батерии и целата муниција на рускиот систем за противракетна одбрана S-400“, соопштија воени извори, додавајќи дека обуката е во тек.

Извор: Anadolu Agency