Ердоган: „Уапсена е сопругата на поранешниот водач на ДЕАШ, Ал Багдади“

0

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека Турските безбедносни сили ја уапсиле сопругата на неодамна неутрализираниот водач на терористичката организација ДЕАШ, Ебу Бекр ал Багдади, јавува Anadolu Agency (AA).

Претседателот Ердоган имаше свое обраќање во Конгресниот центар „Бештепе“, на свеченоста по повод одбележувањето на 70. годишнина на Теолошкиот факултет при Универзитетот во Анкара.

„Америка во тунелот во Сирија го уништи Ал Багдади, и знаете дека за тоа започна голема медиумска кампања. Ние ја фативме неговата сопруга, но не се фалевме, еве, за првпат го соопштуваме тоа. Исто така ја фативме и неговата сестра и зет во Сирија“, рече Ердоган и порача дека Турција ќе ја продолжи борбата против тероризмот.

„Сите земји нѐ напаѓаат. Добро, тие нѐ напаѓаат, но ние што ќе правиме, како во минатото ли ќе застанеме во една апатична состојба, ќе ги свртиме образите и ќе речеме ’Удирајте нѐ‘? Тоа не можеме да го кажеме. Затоа треба да застанеме исправено“, порача Ердоган.

– „70 проценти од одбранбената индустрија е од домашно производство“ –

Турскиот претседател истакна дека Турција ќе продолжи да чекори по патот во којшто верува.

„Кога дојдовме, 20 проценти од одбранбената индустрија беше од домашно производство. Сега тоа изнесува 70 проценти. Не ни даваа вооружени и невооружени беспилотни летала. Велеа дека треба да помине низ Конгресот. Но сега ние произведуваме свои вооружени и невооружени беспилотни летала, „Акинџи“. За првпат во светот, ќе го имаме ние. Сега работиме на тоа да успееме. Значи, сме можеле да произведуваме и произведуваме. Исто така произведуваме и оружје за нив.“

„Пред тоа разговаравме со нив. Му велев на господинот Обама дека имаме проблеми во борбата против тероризмот. Разговаравме со него на Самитот Г-20 во Анталија. Тие рекоа дека ќе испратат. До нас не стигнаа паметните бомби. Таквите соседи придонесоа да имаме сопствена паметна бомба. Сега ние ја произведуваме. На ист начин ги произведуваме и другите“, додаде Ердоган.

Ердоган истакна дека Турција почнала со извоз на опрема и оружје од одбранбената индустрија.

„Ние во моментов имаме 2,5 милијарди долари годишен извоз во одбранбената индустрија. Не се сомневам дека ќе ги надминеме сите потешкотии.“

Претседателот Ердоган во своето обраќање се осврна и на манипулацијата на Западот со изразот „исламски тероризам“.

„Терористот е лице кое ја пролева крвта на невини луѓе без да трепне со очите за својата развратна кауза. Од овој аспект, еден муслиман не може да биде терорист. Западот кој го употребува изразот ’исламски тероризам‘ без срам, треба прво да се погледне во огледало. Ако барате терористи, тие се кај вас“, нагласи Ердоган.

Тој потсети дека терористите слободно шетаат низ голем број западни земји.

„ПКК е таму, ПЈД е таму, ЈПГ е таму, таму е и ДЕАШ, а и ФЕТО е таму. Сите таму се заедно, рака за рака… Гледате на улиците на западните земји, шетаат со парталите со обележја на нивниот водач, кои сами го прогласија за терорист. Муслиманот не може да оди по патот на развратна кауза, ниту пак може да пролее невина крв. Затоа никој не може да го користи изразот ’исламски терор‘. Ние тоа честопати им го кажувавме на лидерите на Западот, го кажувавме на меѓународните состаноци и ќе го кажуваме. Ако погледнеме кој стои зад оние што вршат терористички активности користејќи го името ислам, зад нив ќе излезат непријателите на исламот.“

Извор:Anadolu Agency