Отворен Источниот крак на Коридорот 10: Четири и пол часа за возење низ цела Србија

0

Последната делница од Источниот крак на Коридорот 10 од Просек до Црвена Река отворена е денес на свечената церемонија со присуство на највисоките државни функционери на Србија и Бугарија, со што е завршена изградбата на 87 километри долгиот автопат од Ниш до бугарската граница кај Димитровград, јавува Anadolu Agency (AA).

Новиот пат на возачите им овозможува од унгарската до бугарската граница да стигнат за четири и пол, од Белград до таа одредница за три часа, а од Ниш до граничниот премин „Градина“ за само 50 минути.

Откако претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, се возеа низ „паметниот тунел“ Банчарево, опремен со современи системи за безбеден сообраќај, од бината им се обратија на министрите на Србија, членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, и на собраните граѓани.

„Денес падна Берлинскиот ѕид помеѓу Бугарија и Србија. Го имаме пристаништето „Варна“ и пристаништето „Бургас“ и до Истанбул нема други пречки. Бугарската индустрија ќе го користи автопатот во целост. Денес го поврзуваме истокот и Западна Европа“, рече Борисов.

Вучиќ го нарече „сон“ и „чудо“ отворањето на Источниот крак на Коридорот 10 и рече дека станува збор за најмодерна сообраќајница и за „километрите на иднината“.

„Со ова“, вели Вучиќ, „е отворен патот кон истокот, кој ја заобиколува Сиќевачката Клисура како опасна сообраќајна делница со што е „создадена нова животна шанса“ за 450.000 луѓе од Нишавскиот и Пиротскиот Округ“.

„Среќа е мал збор за да се опише она што го чувствувам на завршувањето на 813-те километри на Коридорот 10 низ Србија. Кога тргнавме пред неколку години да ја менуваме земјата, да се менуваме себеси, го сакавме токму ова, сакавме чуда кои сами ќе ги создадеме. Сакавме сон кој конечно ќе го оствариме“, рече Вучиќ.

Најголем сообраќај се очекува од возачите во транзит, посебно од турските државјани кои од земјите на Западна Европа до Турција ќе патуваат токму преку Србија и Бугарија. Нивното патување, според најавите на Вучиќ и Борисов, веќе за неколку месеци дополнително ќе го олесни изградбата на автопатот од бугарската граница до Софија.

Источниот крак од Коридорот 10 има 87 мостови, пет тунели со вкупна должина од 2,6 километри и пет сообраќајни обиколници. За изградбата се потрошени 780.000 тони асфалт. Сето тоа чинеше 476 милиони евра. Парите се обезбедени со кредити од Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светската банка, а во еден дел од буџетот на Република Србија.

Патарината ќе се наплатува од 1 декември оваа година.

Извор:Anadolu Agency