Чудото од Балкан – наскоро „Мини – ЕУ“?

0

Неозможното се решава веднаш, за чуда треба малку време. Старата шега на преоптоварени занаетчии ти паѓа на памет ако следиш што три моќни лидери од Балканот си зацртале деновиве.  ЕУ неодамна поради француското вето одби почеток на преговори за членство.  И токму сега кога зачестуваат предупредувања од нови тензии во регионот, Србија, Албанија и Северна Македонија со големи чекори се движат кон прекрасна спогодба.
Со години беше Брисел тој што притискаше за потесна соработка меѓу земјите,  последно на Балканскиот собир во Трст пред две години. А, токму сега кога Брисел едвај може да ги намами со преговори за членство, се чини дека тоа ќе успее. Во Охрид во Северна Македонија ќе се одржи вториот регионален Самит за само еден месец.  Трите земји се разбираат одлично.  Но, ги канат и трите исклучени земји да се приклучат, за чудо дури и Косово. Што ли се случува?
100 проценти царини

Кооперација или „поврзаност” како што го нарекуваат тоа стручњаците од ЕУ, добро би и` дошла на Балканот. На многу гранични премини се заглавени камиони кога носат производи од конкурентска држава, некогаш и со денови. Царини и административни препреки ги одвојуваат малите пазари од соседите. Невидени во светот се 100-те проценти што Косово ги воведе за производи од Србија. И за приватни лица, особено во летните месеци, патувањата се како трка со пречки: „смена” е страшното зборче за промената на персоналот на граничните премини кога еден час се` е закочено. Економски тоа се одразува речиси фатално. За инвеститорите малите земји се со нивната мала куповна моќ неинтересни, а за да извезуваат на поголеми пазари не се спремни.

Kosovo Proteste Mitrovica (I. Mitić)Протести во Косово поради српските царини

Во трката кон ЕУ балканските земји постојано се кочеа една со друга.  Сега се чини дека сакаат рака под рака да чекорат напред.  Во октомври годинава во српскот град Нови Сад српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев, заеднички ја формулираа целта на Балканот да воведат „четири слободи” како што веќе важат: слободата на движење на капитал, производи и лица. „Мини Шенген” како што Вучиќ го нарекува, треба да овозможи патување без пасош, само со лична карта. Идеите ќе се конкретизираат в недела, а треба да станат реалност во 2021.
Балканска „мини ЕУ”?

Но, Балканот не би бил Балкан да не се крие ѓаволот во деталите. Трите нови пријатели со своите граници речиси целосно опкружуваат четврта земја: Косово. Патувања без пречки од „Србија кон Албанија”, како што Вучиќ ги најавува, се` додека не е вклучена и земјата што Србија не ја признава ќе мора да водат преку околни патишта. Многу од проблемите кои по најавите на тројцата лидери треба да бидат решени во рамки на балканската „Мини ЕУ” во тешкиот дијалог меѓу Белград и Приштина се или многу спорни, или теориски завршени, но практично не се реализирани. На пример обостраното признавање на дипломи. Како шест земји сега треба да успеат во нешто што ни две не успеаја да направат, е енигма.
Дури и посакуваната царинска унија, ако се погледне одблизу е пред тешко премостливи пречки. Уште пред Косово да воведе астрономски високи казнени царини за српски производи, таму владееше страв дека Србија со својата економска надмоќ би можела да ја уништи благо расцутената претприемачка клима во Косово. Идниот премиер Албин Курти со години добиваше гласови со барањето за тотален бојкот на српски производи. Побогатата Црна Гора пак се плаши од евтината конкуренција од Србија.

Повеќе на:dw.com