Апелациониот суд Скопје денеска ја отфрли како недозволена жалбата за притворот на првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски.

„Апелациониот суд, постапувајќи по жалбата на обвинетиот Бојан Јовановски преку адвокат Сашко Дукоски, против решението на првостепениот суд од 20.11.2019 година, со кое е одбиен предлогот за укинување на мерката притвор и замена на истата со други поблаги мерки за обезбедување присуство на обвинетиот Бојан Јовановски во текот на постапката, по разгледување на списите во предметот одлучи изјавената жалба да ја отфрли како недозволена, согласно одредбата од чл.172 став 2 точка 5 од Законот за кривична постапка во врска со став 1 од истиот член од Законот“, се вели во соопштението од Апелациониот суд.

Од Апелациониот суд информираат дека образложението на причините за ваквата одлука дополнително ќе бидат објавени.

Бојан Јовановски е првообвинет во случајот „Рекет“ што започна вчера и продолжи денеска со пресуда за третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец кој доби тригодишна затворска казна за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.

Наредното рочиште во постапката против Јовановски и второобвинетата во случајот, Катица Јанева е закажано во петок.