ЉУБЉАНА (АА) – Пораките кои Европската Унија (ЕУ) ги испраќа сега на Западен Балкан не се добри, порачано е по состанокот на членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина со словенечкиот претседател Борут Пахор во Љубљана, јавува Агенција Анадолија (АА).

Членот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, изјави дека за него е најважно прашањето, од сите оние кои ги разгледувале за време на денешниот состанок, за иницијативата која потекнала од овој состанок, а која ќе оди до новата Европска комисија.

„Прашањето за членство на земјите на Западен Балкан во ЕУ на почетокот на работата да се стави во фокус на Европската комисија што е можно поскоро, со цел да се неутрализираат можните негативни ефекти од последната одлука на Европскиот совет за Северна Македонија и Албанија. Нас таа одлука на Западниот Балкан сите нѐ разочара, но не нѐ обесхрабри“, порача Џаферовиќ.

Тој смета дека германско-британската иницијатива го забрзала процесот на евроинтеграции на БиХ.

Членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, изјави дека на денешниот состанок е потврдена добрата соработка на двете земји.

„Можам да потврдам дека добрата соработка со бизнисмените, пред сè, од Словенија, ги зајакнува нашите пријателски односи. Словенија е важна членка на ЕУ, вклучена е во многу прашања поврзани со статусот на придружувањето“, рече Додик.

Како што истакна, важно е што имале можност да разговараат за таа тема и да искажат незадоволство од фактот дека пораките што ЕУ сега ги испраќа на Западен Балкан не се добри.

Разговарано е и за прашањето за миграции, а Додик му е благодарен на Пахор за разбирањето дека ова прашање треба да се реши заеднички и да се насочи кон почетокот на кризата, а тоа е влезот во ЕУ.

Членот на Претседателството на БиХ исто така рече дека „тешката хуманитарна криза, поврзана со мигрантите, е во фокусот на многу медиуми“. Тој смета дека ЕУ се обидува да помогне во смисла на трансфер на пари, меѓутоа, Додик порача дека ним пари за тие работи не им требаат, а не им требаат ни мигранти.

Претседавачот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, Шефик Џаферовиќ и Милорад Додик престојуваат во официјална посета на Словенија.

Церемонија на свечен дочек со воени почести, беше организирана претходно на Конгресниот плоштад во Љубљана, каде што беа пречекани од словенечкиот претседател Борут Пахор. По церемонијата се одржа состанок на членовите на Претседателството на БиХ со претседателот на Република Словенија во Претседателската палата.