СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска учествуваше на Самитот на лидерите на НАТО во Лондон, по повод 70-годишнината на Алијансата и во своето обраќање, како 30. говорник, истакна дека настанот ја потврдува заедничката посветеност на сојузниците за обезбедување мир, стабилност и просперитет во целата евроатлантска област, што беше поздравено со аплауз од лидерите на Алијансата, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението од Владата на Република Северна Македонија, премиерот Заев на состанокот, со кој претседаваше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, истакнал дека стратешката цел на Северна Македонија за членство во НАТО на многу генерации од нашата земја станува реалност.

Заев исто така го изразил задоволството и благодарноста за брзата динамика на ратификување на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО.

Премиерот според соопштението, потенцирал дека Северна Македонија е подготвена да ја преземе обврската како полноправна членка, да дава придонес за одговори за менување на мултидимензионалните безбедносни предизвици што стојат пред НАТО.

„Северна Македонија презема трансформативни реформски процеси за стабилна и одржлива проекција за финансирање во одбраната и за правично споделување на обврските со зголемување на буџетот за одбраната на земјата од 0,2% од БДП годишно со цел да достигнеме 2% од БДП до 2024 година. Важен дел од ова издвојување, околу 23%, се посветени на модернизацијата на Армијата“, нагласил Заев во своето обраќање.

Премиерот потсетил дека Армијата на Северна Македонија активно учествува во мисиите на НАТО уште од 2002 година во Авганистан, истакнувајќи дека ќе продолжи да го дава својот придонес како сигурен партнер на НАТО во борбата против тероризмот.