САРАЕВО (АА) – Босна и Херцеговина од полноќ ќе ја преземе контролата на својот воздушен простор, а тоа се однесува и на летовите над 10.000 метри надморска височина што во последните повеќе од 20 години ја извршуваа соседните Хрватска и Србија, јавува Агенција Анадолија (AA).

Контролата ќе ја преземе Агенцијата за пружање услуги во воздушната пловидба на БиХ (BHANSA), со што се отвора ново поглавје во историјата на цивилното воздухопловство на БиХ.

Со основањето на БХАНСА во 2009 година, БиХ се определи за потполно преземање на контролата на летањето во својот воздушен простор. Агенцијата во ноември 2014 година започна со пружање услуги во контролата на летањето на височина до 10.000 метри од Оперативната единица на Обласната контрола на летот на Сараево (ATCU I).

Од полноќ оваа единица ќе ја преземе контролата над воздушниот простор на БиХ над 10.000 метри, со што во потполност ќе биде реализирана Фазата II на Стратегијата на развој на системот за управување со воздушниот сообраќај во БиХ.

„Од тој датум (ноември 2014 година заб.aвт.), во тек се интензивните подготовки на персоналот, техниката и останатите работи кои беа предуслови за 5 декември, односно транзиција на комплетниот воздушен простор за БиХ“, изјави за АА Аднан Гафиќ, началник за операциите на Агенцијата во Сараево.

Гафиќ појасни дека БХАНСА во зимскиот период ќе контролира до 800 прелетувања на авионите на небото над БиХ, а во летниот период и до 1.600.

„Минатата година максималниот сообраќај на час изнесуваше 120 авиони. Ние ги имавме тие показатели и врз основа на тоа ги базиравме нашите обуки, систем, технички помагала и сето останато кое ќе ни овозможи позитивно да одговориме на тој зголемен сообраќај“, изјави Гафиќ.

Како што изјави, Агенцијата претрпела значителни промени во минатата година во однос на фреквенциите, комуникациите и ДПС на системите за обработка на податоци. Сите овие, објасни Гафиќ, беа стандарди и процедури на Европската комисија и Европската агенција за безбедност на воздушниот сообрќај (EASA) за БиХ да може да ја преземе контролата врз својот воздушен простор.

„Агенцијата, како давател на услуги, успешно ги заврши сите надзори, инспекции и резултат на тоа е зеленото светло за преземање на контролата. Доколку имало какви било проблеми со работната сила, технологијата, сигурно тој датум би бил продолжен“, рече Гафиќ.

Тој додаде дека Агенцијата, исто така, успешно спровела промени на сајтовите на ВХФ – радио навигацискиот систем, каде што се врши примање и испраќање сигнали до авионите и дека ги исполниле сите технички барања и барања за преземање на контролата.

На крај изјави дека е задоволителен бројот на контролори во оперативните единици во Сараево и Бања Лука.

„Со оглед на тоа што имавме и одредени инспекциски надзори за тоа, моравме да докажеме дали тоа е добар број. Во моментов имаме 69, а во март планираме да дошколуваме уште девет контролори на летови кои имаат завршено обуки во Загреб и Словенија“, рече Гафиќ.