БЕРЛИН (АА) – Германија ќе протера двајца руски дипломати поради наводната улога на Москва во убиството на чеченски барател на азил во Берлин, се вели во соопштението издадено од германското Министерство за надворешни работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во вербална протестна нота дадена на рускиот амбасадор Сергеј Ј. Нетчајев, откако утринава беше повикан во Министерството за надворешни работи, Русија е остро повикана да соработува со германските власти за овој случај.

Двајцата акредитирани дипломати во Амбасадата на Русија, како што се наведува, биле разузнавачи и прогласени се за „персона нон-грата“, и им било наредено да ја напуштат Германија во рок од седум дена.

Министерството го наведе недостигот на соработка на Русија во истрагата за убиството.

Германскиот јавен обвинител во градот Карлсруе ја презеде истрагата за убиството извршено во август во паркот „Клеин Тиергартен“, во Берлин.

„Постојат доволни докази дека во август грузиски државјанин бил застрелан во интерес на државните агенции на Руската Федерација“, истакна јавниот правобранител.

Уште од самиот почеток убиството на 40-годишниот Зелимкан Кангошвили предизвика сомнеж за руска вмешаност.

Осомничениот извршител, 49-годишен руски државјанин, се верува дека убиството го извршил пукајќи од велосипед среде бел ден.

Властите го уапсиле сторителот кратко потоа, го пронашле неговиот велосипед, перика и оружјето користено во убиството, фрлени во реката Спре.

Поранешната сопруга на Кангошвили, Манана Цатиева, за германскиот меѓународен радиодифузер „Дојче веле“ (Deutsche Welle) изјави дека верува оти историјата на нејзиниот сопруг била мотивација за нападот.

„Кангошвили се бореше против Русите во текот на Втората чеченска војна од 1999 до 2009 година, а потоа работеше во Грузија и во Украина против руските интереси“, пренесува „Дојче веле“.

Цатиева рече дека Кангошвили избегал во Германија во 2016 година по повеќе обиди за негово ликвидирање во Грузија, но во Германија му бил одбиен азилот. Тој бил на листата за депортација.