ПРИШТИНА (АА) – Претседателот на Република Албанија, Илир Мета, кој престојува во посета во Косово, денеска го посети Министерството за одбрана на Косово, јавува Агенција Анадолија (AA).

Неколку дена по земјотресот кој ја погоди Албанија на 26 ноември, во којшто животот го загубија 51 лице, а стотици беа повредени, Мета допатува во Косово за да ги одликува единиците што придонесоа и помогнаа при природната непогода во Албанија.

На настанот на кој учествуваше и вршителот на должноста премиер на Косово, Рамуш Харадинај, претседателот Мета им додели Златни орли на припадниците на Косовските безбедносни сили (КБС), припадниците на косовската полиција, како и на единиците на другите институции како што е Косовската енергетска корпорација, пожарникарите, рударите на Трепча и Артана.

Во својот говор Мета истакна дека 28 Ноември, Денот на албанското знаме и независноста на Албанија, како никогаш порано во историјата ги сплоти, справувајќи се со последиците од земјотресот.

Тој рече дека „во оваа вистинска битка, имаме голем биланс, но Албанија не беше сама, нашите партнери беа блиску до нас, а Косово беше првата земја што се најде таму веднаш“.

„Тимовите на Косово во Албанија не беа само физички и професионално, туку и на хуман, братски начин, ризикувајќи ги и нивните животи за да спасат многу други. Албанскиот народ ќе биде засекогаш благодарен на Косовските безбедносни сили, косовската полиција, екипата за пребарување и спасување, медицинските тимови, тимот за цивилни операции, воената полиција, единицата за комуникации, тимот за поддршка и проценка на опасност и штети на згради, спасувачкиот тим на Трепча и Артана, противпожарната служба, Косовската енергетска корпорација, – кои покажаа максимална солидарност и максимална професионалност и извонредна подготвеност“, рече Мета, и додаде дека Косово треба да се гордее со Косовските безбедносни сили (КБС) и косовската полиција.

Вршителот на должноста премиер на Косово, Рамуш Харадинај, рече дека оваа година 28 Ноември се дочека со трагедија, додавајќи дека и покрај земјотресот, Албанците добија историска порака.

„Откако ги погребавме нашите сакани, сега започнува нашата вистинска борба како едно тело за живите, за оние што останаа без дом. Ние сме единствени како никогаш порано, Косово и Албанија, север и југ, левичари и десничари, власт и опозиција, да се издигнеме над парцијалните интереси и да им помогнеме на сите луѓе“, рече Харадинај.

Командантот на Косовските безбедносни сили, Рахман Рама, честитајќи ја 107-годишнината од формирањето на Вооружените сили на Република Албанија, додаде дека „Косовските безбедносни сили не сториле ништо повеќе од тоа што брат прави за брат.“

Потсетуваме дека во Косово, по земјотресот во Албанија, престојуваат голем број албански граѓани кои се сместени во кампови, хотели и приватни домови на косовските граѓани.

Во земјотресот со јачина од 6,3 степени што ја погоди Албанија на 26 ноември, животот го загубија 51 лице, стотици беа повредени, а беше предизвикана и голема материјална штета.

Од земјотресот останаа оштетени згради, куќи, споменици на културата, објекти на институциите, а во следните денови земјата беше погодена од неколку послаби земјотреси.