Централната џамија „Кембриџ“ во Велика Британија, што ќе ја отвори претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, покрај со архитектурата со исламски мотиви привлекува внимание и со нејзините еколошки системи, пишува Агенција Анадолија (АА).

Темелите на Централната џамија „Кембриџ“, првата еколошка џамија во Европа, беа поставени во 2008 година.

Откако четирите мезџиди не беа во можност да одговорат на потребите на жителите, студентите муслимани во градот Кембриџ се обратија до Тимоти Винтер, професор по исламски студии од Универзитетот „Кембриџ“.

Откако премина во ислам на 17-годишна возраст, Винтер го смени името во Абдулхаким Мурад. Тој заедно со светски познатиот уметник Јусуф Ислам го пренесоа проектот до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој во тоа време беше премиер, и побараа поддршка.

Проектот започна под водството на Винтер. Земјиштето беше купено во 2009 година. На чело со Турската фондација „Дијанет“, и други турски институции за проектот донираа над 10 илјади луѓе. Националниот фонд „Катар“ беше исто така меѓу донаторите.

– Дизајнот е одреден преку натпревар –

Како основа за проектот беа земени естетиката и уметноста на исламската вера, животниот стил на божјиот пратеник Мухамед и важноста за заштитата на природата.

Во рамките на овие принципи, беше организиран конкурс за дизајнот на џамијата и е донесена одлука џамијата да има градина, двор, место за земање абдест и место за клањање.

Џамијата, исто така, е домаќин на постојана изложба наречена „Научно наследство во исламската цивилизација помеѓу 9 и 16 век“. Изложбата само оваа година освои 9 награди.

– Користени се природни материјали –

Во дизајнот на градината на џамијата запазени се исламските мотиви. Градината во голема мера е завршена во април 2019 година. Во неа илјада луѓе можат да се молат во исто време. Многу големо внимание е посветено на тоа објектот да биде еколошки.

Во изградбата на џамијата користени се природни материјали како што се дрвото и мермерот.

– Дождовницата се собира, а поставени се и соларни системи –

Али Тос, имамот на џамијата, за АА говореше за карактеристиките на џамијата и за големиот интерес.

Укажувајќи дека во Велика Британија паѓаат големи количини дожд Тос нагласи: „Дождовницата се собира на покривот на џамијата и преку инсталираните системи се наводнуваат садниците во градината. Исто така, таа вода се користи и за чистење на мијалниците.“

Тос, исто така, изјави дека електричната енергија за џамијата, во зима, околу 30 проценти, а во летните периоди 40 проценти се обезбедува од сончевите панели.

Додаде дека џамијата е производ што се одржува без да се предизвика штета на природата.

„Постои систем кој го загрева воздухот од кровниот дел. Така, воздухот се апсорбира и се користи во загревањето на големите резервоари за вода. Таа вода се користи за затоплување на џамијата и во местата за земање абдест“, истакна Али Тос.

– Ако се намали нивото на кислород внатре, се внесува свеж воздух –

Тос, исто така, рече дека благодарение на сензорите што се поставени во џамијата, ако се намали количината на кислород во внатрешноста или се зголеми температурата, тогаш од горните делови се повлекува свеж воздух и се внесува внатре преку отворите скриени во ѕидовите.

Посочувајќи дека нема прозорци на ѕидовите, Тос рече дека главната цел за тоа е вниманието на луѓето да биде насочено кон молитвата. „Поради нивната еколошка карактеристика, прозорците се поставени на таванот на џамијата во форма на куполи за да се добие светлина одозгора и да ги рефлектираат сончевите зраци директно во џамијата.“

– „На списокот за чекање има 2.000 луѓе кои сакаат да ја видат џамијата“ –

Истакнувајќи дека за џамијата има голем интерес, Тос рече дека има луѓе што доаѓаат во градот само да ја видат џамијата и да клањаат намаз. Тој потенцираше дека и многу немуслимани се интересираат за џамијата.

„Списокот на посетители е полн, 2.000 луѓе чекаат на ред. Секое утро, муслимани или немуслимани, претежно немуслимани, доаѓаат тука и се интересираат за карактеристиките на џамијата. А исто така учат и за исламот. Веќе ги стопиравме барањата за посета.“

– „Тие што ја поддржуваат џамијата и со мисла ќе направат добро дело“ –

Истакнувајќи дека посетителите во џамијата дознаваат повеќе за исламот Тос додаде:

„Посетителите немуслимани, нашите пријатели, соседи, повеќе ја посетуваат џамијата од муслиманите. Има и такви кои инвестираат во оваа џамија и кои сакаат да дадат свој придонес. Тука, без разлика дали ќе го прифатат или нема да го прифатат исламот, тие се луѓе кои може да ги спречат погрешните сфаќања за исламот. Затоа мислам дека прават добри дела. Сигурен сум во тоа.“

Подвлекувајќи дека проектот за џамијата не е ограничен со една одредена гледна точка, Тос рече:

„Овој проект е проект каде што можат свој придонес да дадат сите луѓе, во име на добрината и праведноста. Во овој проект се вклучени Јусуф Ислам (Кет Стивенс), Абдулхаким Мурад (Тимоти Винтер), Селим Ергун од Фондацијата „Дијанет“, почитуваниот Ибрахим Калин, портпаролот на претседателскиот Кабинет. Ние тука сме двајца имами. Еден е од Босна и Херцеговина, а јас сум од Турција.“