Спасовски: Институциите мора да функционираат, хаосот во МВР ќе се среди уште денеска

Од: Нова ТВ 11:32 am – 14 January 2020
SHARE
TWEET
PIN
SHARE

Политичка одговорност од сите субјекти што учествуваат во владата денеска побара техничкиот премиер Оливер Спасовски на прес конференцијата одржана утрово во Владата. Спасовски посебно внимани обрна на случувањата во МВР откако го предводи предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер, Наќе Чулев.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски треба да го решава безредието во МВР по телеграмата на Чулев со која известува дека престануваат да важат прераспределбите на неговиот претходник и актуелен премиер, Оливер Спасовски.

Тоа било договорено на состанок на Чулев со дополнителнат заменик министерка, Славјанка Петровска, директорот на БЈБ, Тасевски и неговиот заменик, Бесир Деари, а откако во претседателската вила освен редовното обезбедување на Стево Пендаровски, се појавило и обезбедувањето кое му служеше на експретседателот Ѓорге Иванов. Инаку, освен со обезбедувањето на Пендаровски, по одлуката на Чулев се јавија и низа други проблеми. Иако треба да има зголемено обезбедување на амбасадите на Албанија и Турција, се појавил недостаток на луѓе, а истото се случило и во резиденцијата на амбасадорот на Европската Унија. Со помалку луѓе, наводно, останале и граничните премини со Србија и Косово, Долно Блаце и Јажинце.

„Треба да се внимава во МВР, бидејќи не смее да има сериозни закани по безбедноста или тоа да го предизвикаат одредени постпаки кои ќе бидат преземени. Очекувам недоразбирањата да бидат надминати. Сметам дека задачата која ја добил директорот на БЈБ, да ги согледа сите тие состојби кои настанаа по издадената телеграма со која се укинаа сите наредби, што, пак, сметам дека е најисправниот модел, ќе се заврши уште денес во МВР. Не е истото обезбедување кое било додека бев министер за внатрешни работи, тоа е зголемено според уредбите, но се луѓе кои јас сум ги избрал до мене“, рече Спасовски.

Според него тоа што ќе создаде хаос, ги покажува само лични интереси. „Недоволното познавање и упатување на што се се потпишува и носи како одлука, носи до една ваква ситуација“, рече премиерот. Спасовски посочи на неколку приоритети пред кои се наоѓаат владините функционери, а кои, како што рече, се важни за внатрешната стабилност и меѓународниот углед на државата.

„Примарна задача на оваа влада е да продолжат да функционираат институциите и проектите предвидени во програмите, како и да се реализира сѐ што е предвидено со буџетот. Тоа е еден од приоритетите и вториот е да се организираат фер и демократски избори. Затоа сите политички субјекти кои учествуваат во владата треба да имаат политичка одговорност и да не излегуваат надвор од рамките на она што им е дадено како можност во однос на законот за Влада“, рече Спасовски.

Тој порача „граѓаните да не се грижат за функционирањето на институциите“ и дека „владата ќе продолжи со политиките со кои државата ќе продолжи да се гради“.

„Услугите ќе продолжат да се реализираат. Граѓаните да не се грижат како ќе функционираат институциите. Владата ќе продолжи да ја движи Република Северна Македонија кон вистинскиот пат. Владата ќе ги продолжи политиките со кои Северна Македонија се гради како држава“, истакна Спасовски.

Тој се осврна и на заканите кон новинарите кои добиваат на интензитет во последно време. Тој апелираше институциите да го истражат секој напад врз новинари и да го санкционираат, бидејќи како што кажа медиумите се израз на демократијата.

Извор:НоваТВ