ТЕХЕРАН (АА) – Признавањето на Иран дека ненамерно го собориле украинскиот патнички авион со проектил, неколку часа по лансирањето ракетни напади врз базите на американските трупи во Ирак, предизвика гнев и бес низ земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).

Иранците организираа демонстрации во различни делови низ земјата, осудувајќи ја немарноста на Иран што резултираше со смрт на 176 лица.

Авионската несреќа се случи откако Иран истрела десетина ракети врз воздушните бази на американските трупи во Ирак, како одговор на убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани од страна на САД во близина на Багдад на 3 јануари.

Откако првично ги негираше извештаите дека една од нивните ракети го погодила патничкиот авион, Иран призна дека „ненамерно“ го собориле авионот, нарекувајќи го тоа „човечка грешка“.

Додека иранскиот претседател, Хасан Рохани, го нарече инцидентот „непростлива грешка“, елитната Револуционерна гарда (IRGC) рече дека за авионот се мислело оти е крстаречка ракета на САД, откако авионот ја променил својата насока и се свртел кон чувствителната воена локација.

„Тоа е непростлива грешка, голема трагедија што можеше да се избегне доколку се направеа неопходните мерки на претпазливост“, изјави за АА во Техеран демонстрант, кој само го даде своето име, Содабех.

„Во време на војување, кога започнавте голема воена операција против вашиот непријател, вие едноставно не можете да го задржите воздушниот простор отворен и да дозволите да се одвиваат летовите“, рече тој, повикувајќи на непристрасна истрага и строга акција против одговорните.

– Извинувањето не е доволно –

Уште еден демонстрант по име Хишам изјави дека извинувањето не е доволно за овој трагичен инцидент.

„Како можете да оправдате убивање на 176 лица, поради направена ‘грешка’?, Како можете да го објасните ова како ‘човечка грешка’ на семејствата што ги загубија своите сакани во оваа трагедија.Тоа нема никаква смисла за нив“, изјави тој.

Меѓу жртвите се наоѓаат 82 Иранци, 63 државјани на Канада, 11 државјани на Украина, 10 Швеѓани, 4 Авганистанци, тројца Британци и тројца Германци.

Според извештаите на медиумите, демонстрациите по авионската несреќа се одвиваат во различни ирански градови.

Луѓето, исто така, својот гнев и огорченост ги искажуваат и на социјалните медиуми.

„Сè уште не можам да верувам. По убивањето на генералот Сулејмани, луѓето беа во состојба на жалост, но ова не е начин на ‘одмазда’ каков што ние очекувавме“, напиша еден корисник на социјалната мрежа Инстаграм.

„Како ќе ја надминеме оваа катастрофална трагедија, овој трагичен настан?“, напиша тој.

Коментирајќи ги протестите, американскиот претседател, Доналд Трамп, на социјалната мрежа Твитер се обрати на храбрите луѓе во Иран кои претрпеле многу.

„Јас бев со вас уште од почетокот на моето претседателство и мојата администрација ќе продолжи да биде со вас. Ние внимателно ги следиме вашите протести и сме инспирирани од вашата храброст“, рече тој.

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, кој според извештаите го убедил Трамп да го нареди нападот врз Сулејмани, рече дека тој го поддржува иранскиот народ „кој заслужува подобра иднина“.

– Иранците не се импресионирани од поддршката на САД –

Но Иранците сепак не изгледаат импресионирани од поддршката што им ја даваат официјалните претставници на САД.

„Лице кое се заканува дека ќе ги бомбардира иранските културни места, што претставува воено злосторство, не може да му посакува добро на народот на Иран“, изјави еден демонстрант по име Али Реза.

„Ние сме тажни и шокирани од она што се случи, но не ни е потребна поддршка и сочувство од Трамп и неговите пријатели“, вели Али Реза.

Пуја Алимагам, иранско-американски историчар и автор од Институтот за технологија во Масачусетс (MIT), рече дека Иранците го имаат „секое право да се лутат и да протестираат“, а властите во Иран треба да бидат „одговорни“.

„Но, американската Влада нема кредибилитет во однос на Иран и треба да си ја гледа својата работа“, рече тој. „Помпео очигледно интервенира во внатрешните работи на Иран“, додаде тој.