Претседателот на САД, Доналд Трамп и кинескиот вицепремиер Лиу Хе ја потпишаа првата фаза од трговскиот договор.

Првата фаза од договорот треба да го зголеми извозот на стоки од страна на американските земјоделци и производители, да ги заштити американските трговски тајни и да ги намали тензиите во долготрајниот спор помеѓу двете најголеми светски економии.

Трамп за време на церемонијата на потпишување во Белата куќа изјави дека договорот „ги корeгира грешките од минатото“, вчера објави AP.

Кинескиот претседател Си Џинпинг оцени во писмото до Трамп, кое го прочита кинескиот вицепремиер, дека првата фаза од договорот е добра за Кина, САД и за целиот свет. Си во писмото наведе дека договорот покажува како двете држави можат да ги решат меѓусебните разлики и да најдат решенија засновани врз дијалог, додаде Reuters.

Лиу порача дека Кина ќе се придржува кон обврските во првата фаза од договорот и дека тој е добар за двете земји и за целиот свет.

Според договорот, Кина ќе купи повеќе американски производи, ќе престане со практиката вршење притисок врз странските компании да ја споделат својата технологија и да престане да манипулира со валутата за да го направи нејзиниот извоз поевтин, наведува Voice of America.

САД веќе престанаа да ја означуваат Кина како манипулатор со валута, а исто така се откажуваат од воведувањето нови тарифи на кинеските производи во вредност од милијарди долари, додека ќе ги преполоват тарифите на кинескиот увоз од 110 милијарди долари.

Меѓутоа, ќе останат на сила тарифите за увоз во вредност од околу 360 милијарди долари. Договорот, исто така, не се однесува на кинеските субвенции за државните компании, тема за која најверојатно ќе се дискутира во следните фази на трговскиот разговор. Двете страни се согласија кон средината на декември, за како што ја нарекоа првата фаза од договорот.