ИСТАНБУЛ (АА) – Во рамките на акциите насочени против припадниците на терористичката организација ФЕТО во Истанбул, приведени се 19 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).

Припадниците на Разузнавачката служба и екипите за борба против финансискиот криминал во Истанбул извршија акција во која се откриени 21 локација која ја користеле припадниците на ФЕТО. Приведени се 19 од 21 лице за кои е издаден налог за приведување.

При претресот се пронајдени 46.750 лири (околу 7.100 евра), 23.848 долари и 2.400 евра распоредени во коверти наменети за трошоците на припадниците на терористичката организација. Пронајдено е и одредено количество злато, дигитален материјал и часовници со потпис на водачот на терористичката организација, Фетула Ѓулен.

Меѓу приведените, чие процесуирање е во тек, се лица кои се сомничат дека се членови на ФЕТО задолжени за полицијата и војската, но и таканаречениот ФЕТО-помошник на имамот за подрачјето во истанбулскиот округ.

Осомничените имале фалсификувани документи и ја користеле програмата за тајно комуницирање „БајЛок“.

ФЕТО е терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), за кого Турција официјално побара испорачување од САД.

Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во турското правосудство со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.

Неколку години подоцна следуваше и крвав обид за соборување на избраната власт, односно обид за државен удар што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.

Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа којашто не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални лица. Во текот на обидот за државен удар во Турција животот го загубија 251, а беа повредени околу 2.200 лица.